Куртиш: Балансерот претставува проблем за заедниците при вработување

„Јас сум релативно нов директор во Агенцијата, поточно пет месеци, и наследив една агенција со луѓе и ходници со отворени врати, луѓе што имаат огромна соработка со невладините организации, со други институции, во врска со најбитните пет гранки во врска со нашето општество односно со образованието, културата, правичната застапеност во јавната администрација, употребата на јазиците и симболите, медиуми на јазиците на заедниците. Сите креирани политики во врска со помалубројните заедници, контактирани сме од сите институции. Со донесувањето на новиот закон за образование, што е во тек, поточно за дигитализацијата, каде што имавме некои спорни моменти, му дадовме препораки на Министерството за образование и наука, за коишто мислиме дека ќе биде подобри за заедниците. Имаме одлична соработка со Министерството за култура,  и управата за култура при Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците“, вели Еран Куртиш, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците на панелот на ЦИВИЛ „Еднаквост, недискриминација и мултикултурализам во Северна Македонија: Состојби, предизвици и перспективи“.

Во врска со правичната застапеност во јавната администрација, во послединте две –три години гледаме дека има подобрување. Новите бројки од Министерството за информатичко општество и администрација  можеме да ги презентираме тука. Ние ги претставуваме заедниците кои се спомнати во преамбулата на Република Северна Македонија, а тоа се Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите, и за жал стојат уште околу дваесет заедници кои не се спомнати, а стојат како „други“ во преамбулата.

До крајот на 2020 година, Турци во јавната администрација, се вработени 2437, односно 2,18 проценти, Роми има 1578, односно 1,41 процент, Срби 1295, односно 1,16 проценти, Бошњаци 567, односно 0,51 процент, и Власи 551, односно 0,49 проценти.

Бројките секоја година се подобруваат, но за жал, според Рамковниот договор, треба  уште  многу да работиме во овој случај, и секојдневно ги следиме состојбите во оваа болна тема за заедниците. Бидејќи, како што ви е познато, во денешницава имаме балансер за вработување. И тоа, нам како припадници на помалубројните заедници, јас и припаѓам на турската заедница, ни претставува проблем при вработување. Но со тек на времето, мислам дека ќе се најде решение за надминување на оваа пречка.

Имаме еден Европски проект којшто помина многу добро, и со тој проект успеавме да  посетиме околу 70% од училиштата  во руралните средини, и добро е да се оди на лице место да се истражат работите.

За дискриминацијата и како се справуваат заедниците со надворешната но и внатрешната дискриминација, Куртиш вели дека секогаш најпрво треба да се почне од себе.

-Ние како институција прв пат од формирањето во 2008, или од почетокот во 2010 година, поделивме државни пари за поддршка на невладини организации на заедниците. И со задоволство можам да кажам дека успешно ја истеравме работата, со професионалци вработени во Агенцијата, и можам да кажам дека имавме претставници од сите заедници кои аплицираа. Поддржавме околу 15 проекти, и во тие петнаесет проекти се најдоа сите заедници, вели меѓу другото директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците на панелот на ЦИВИЛ „Еднаквост, недискриминација и мултикултурализам во Северна Македонија: Состојби, предизвици и перспективи“.

Дијана Тахири

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Ариан Мехмети

Фотографија: Биљана Јордановска