Партиска средба за време на изборен молк

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи еден случај на пропагандна активност на одредена партија во општина во источниот регион, каде што, иако не е директна пропаганда на социјалните мрежи, се работи за мал партиски собир на јавно место, што е спротивно на принципите за почитување на изборниот молк. Притоа, забележливо е дека присутните не се придржуваат кон мерките за заштита од коронавирусот.

„За изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“, пишува во член 69-а од Изборниот законик.

Според Изборниот законик, член 76-д при известувањето во деновите на изборниот молк, ќе се смета дека медиумите го прекршиле изборниот молк доколку емитуваат, односно објават: какви било информации, фотографии, аудио и аудио-визуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите; какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите; податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии, и од носители на функции во органите на власта.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ