На Меѓународниот ден на толеранцијата, ЦИВИЛ повикува на почитување на различностите

Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември, оваа година уште повеќе укажува колку на светот е потребно заемно разбирање, соработка, почитување… потреба од посветеност и заедничко дејствување во надминување и на здравствената криза со Ковид-19.

Токму стравот, рестрикциите за заштита и безбедност на граѓаните, намерно или не, ги ставаат во опасност човековите права и слободи, што доведува до нетолеранција, омраза, дела од омраза, а неретко и насилство.

За жал, дури и во овие денови кога солидарноста и меѓусебното помагање и разбирање се повеќе од потребни, ние како општество, се соочуваме со секојдневен говор на омразата, со дискриминација, предрасуди и поделби, со повици на насилство и често кршење на човековите права и слободи низ целиот свет. Воените жаришта не стивнуваат, а трагедиите на бегалците не можат да се опишат со зборови.

Кога во 1996 година УНЕСКО го прогласи 16 ноември за Меѓународен ден на толеранцијата ги имаше предвид сите документи и меѓународни акти за заштита и почитување на човековите права и слободи, почнувајќи од Универзалната декларација за човекови права и конвенциите потпишани и прифатени од земјите членки на Обединетите нации.

Декларацијата за принципите на толеранцијата освен што повикува на јакнење на јавната свест за опасностите од нетолеранција, ги промовира и универзалните човекови права и слободи, почитување, прифаќање и уважување на различноста, волја и способност за обединување на различностите е независно од политичките, верските, расните, сексуалните и други убедувања.

ЦИВИЛ ги препознава напорите и политичката волја да се изгради стратегијата „Едно општество за сите“, која во себе ги вградува Принципите на толеранцијата и ги повикува институциите на локално и национално ниво да преземат мерки и одговорност тие принципи, како и Стратегијата, во целост да ги применуваат во пракса. Посебно е важно да се напушти праксата на неказнивост за ширењето на омразата, како и делата сторени од омраза.

Граѓанките и граѓаните се повикани да негуваат взаемна солидарност, почит и разбирање, да ги почитуваат различностите во секојдневната комуникација и во воспитувањето на младите генерации.

Образовните и културните институции, медиумите и граѓанското општество се меѓу најповиканите да спроведат програми за едукација на младите генерации за потребата од изградба на толерантно, инклузивно и мирољубиво општество во кое се почитуваат различностите како квалитет и предност.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да се приклучат кон иницијативата „Обединети во различноста“, сите заедно да изградат општество во кое се почитуваат различностите и европските вредности.

ЦИВИЛ Тим за комуникации