Наташа Котлар со „кратки нозе“ за загадувањето во Скопје

Кандидатката за градоначалник на Општина Центар, во реклама која беше објавена на официјалната страница на ВМРО-ДПМНЕ зборува за загадувањето, изнесувајќи тврдење дека Скопје е најзагаден град во Европа.

 

Дека ова тврдење е невистинито, изнесовме доволно статистички податоци во претходниот дел од оваа епизода, кои јасно укажуваат дека аерозагадувањето во главниот град во последните години се намалува. Дополнително, според сајтот IQAIR, неколку часа пo изјавата на Котлар, шест европски градови биле позагадени од Скопје: Сараево, Амстердам, Загреб, Познањ, Киев, Краков.

Состојбата со аерозагадувањето се менува, па утрото на 26 октомври, 10  европски градови беа позагадени од Скопје. Според истиот сајт, Скопје е на 16 место во Европа во 2020 година.

Едно е тоа што се зборува во кампања, а друго фактите и реалноста. Зачудувачки, кандидатката Котлар, за да ја испрати оваа невистинита порака и да вети нови дрвореди и борба против бетонизација на градот, одбра локација позната кај граѓаните по бруталното задушување на протестот на паркобраните со полиција, по што следеше уништување на паркови, дрвореди и бетонизација спроведена токму од партијата чијшто кандидат е таа.

Граѓаните и јавноста бараат и заслужуваат повеќе зеленило и почист воздух, но не заслужуваат невистини и манипулации, ниту пак имаат кусо паметење. Ова е лекција која треба да ја научат политичарите што ја бараат нивната доверба.

Петрит Сарачини