Елезовски: Треба да се искорени дискриминацијата и антициганизмот врз Ромите

Присутна е дискриминацијата, расизмот, антициганизмот врз Ромите. Нема ниту еден претставник во законодавната власт, односно нема ниту еден министер кој ќе може да раководи со буџет и ќе може да носи одлуки. Има само неколку советници кои немаат некакво влијание во државата“, вели Ашмет Елезовски директор на Национален Ромски центар, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Еднаквост, недискриминација и мултикултурализам во Северна Македонија: Состојби, предизвици и перспективи“.

Тој додава и дека поранешниот министер за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, во една прилика му рече: „Подобро нешто, отколку ништо за Ромите“.

„Она што денеска ќе зборуваме е болка, а од друга страна е инструмент за кој луѓето треба да бидат информирани. Балансерот во овој момент не е видлив. Тој е невидлив. Кога е невидлив не можеме да зборуваме за европските стандарди“.

„Во оваа бранша, на полето на дискриминацијата, имаме разни форми на дискриминација, таа постои и ќе постои. Ако правиме анализа, бројките кои Куртиш ги кажа се тука некаде, еден погоре еден подоле.

Пандемијата нè научи на солидарност и животот денеска е поинаков. Не можеме да планираме на подолги стази. Многу празни ветувања слушавме секој ден.

Во врска со Ромите, ние сме во комплетна изолација. Во последната година, Националниот Ромски центар како застапник и еден од оплеменувачите на сите граѓани даваме бесплатна правна помош и среќни сме што Сојузна Република Германија го поддржува ова. Ние ја немаме човечноста. Човечноста е изгубена. Треба да се инфицираме сите со човечноста“, нагласи Елезовски.

Тој додаде и дека лицата фантоми кои иако добиле единствен матичен број и се заведени во посебен регистер, тие се уште не може со тој документ да одат во банка и да отворат жиро сметка, не може да гласаат на избори. Прашањето е, дали навистина е решен проблемот со лицата без лична идентификација?

Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети