Лажна вест на порталот „Лидер“ за вклученост на вицепремиорот Николовски во наводен шверц на тутун

Кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, доцна синоќа објави соопштение во кое најостро реагира на лажните написи на интернет порталот „Лидер“ со наслов „ПОЛИТИКА, ПАРИ, ШВЕРЦ: Зелената куќа во Крива Паланка од која се раководи шверцот на тутун“ со кои, како што се вели во демантот, пропагандни структури се обидуваат да ја компромитираат и да ја попречат борбата против корупцијата. Текстот е објавен и во други интернет портали од истата групација.

Вицепремиерот Николовски демантира било каква поврзаност со наведените субјекти и чинители и ги повикува сите граѓани, сите медиуми и сите со каква било информација за нерегуларности за увоз на тутун веднаш да пријават сѐ што имаат до знаење до полицијата и до царината.

Скриншот од насловот на текстот на „Лидер“, 30 март 2021

Во демантот се наведува дека, спротивно на манипулациите на „Лидер“, во февруари 2021 година, Царинската управа спроведе акции за заплена на нелегален тутун и целосно разоткрила потенцијален шверц со тутун, за што е поднесена и соодветна кривична пријава.

„Тоа се случи уште на почетокот на месец февруари, пред овој случај да биде објавен од ВМРО-ДПМНЕ и од порталот којшто денес се повикува на лажни тврдења од опозициски партии. Да сумираме, неселективно и одлучно, институциите излегоа и констатираа наоди, со соодветни кривични пријави. Не е само овој случај и не е само оваа акција, запленети се 146.278 килограми тутун, внесен во државата како необработен и пуштен незаконски во промет. Поднесени се кривични пријави по основ на неплатена акциза од близу 5 милиони евра“ – се образложува во демантот.

„Владата сериозно се занимава со спречување корупција и шверц и токму поради тоа, ги повикува лицето Љупчо Златев и порталот „Лидер“, веднаш да ги пријават сите информации кои докажуваат или укажуваат на каков било евентуален шверц со тутун“ – се вели понатаму во соопштението.

Од кабинетот на вицепремиерот Николовски се повикуваат Златев и „Лидер“ најпрво да ја исполнат својата обврска да го објават демантот и да му се извинат на вицепремиерот Николовски за дезинформирањето со кое имаат намера јавноста да ја доведат во заблуда за лажна и непостоечка врска на Николовски со наводен шверц на тутун. Во спротивно, за изнесените клевети и лаги, ќе следат соодветни судски тужби.