Дезинформации и говор на омраза се шират со старо видео кое не е снимано во нашата држава

Пропагандната машинерија на одредени (политички) центри со старо видео од 2019 година, кое впрочем не е ниту снимано во нашата држава, повторно сакаат да шират национализам, меѓуетничка нетолеранција и омраза.

Твитер профилот Спиритиус Пулсар на Твитер го објави старото видео (како да е сега снимано) и напишал:

„Додека на нас ни ги одземаат основните човекови права, да се чувствуваме, да се нарекуваме Македонци, да ја нарекуваме сопствената татковина Македонија, миленичињата спонзорирани од Западот уште од најрана возраст ги воспитуваат децата на најгнасен големоалбански наци-шовинизам“!

Истиот твит го сподели и Биљана Антоска Стојаноска, која инаку често го спомнува ЦИВИЛ, и  во оваа прилика не пропушти можност повторно да ги спомне ЦИВИЛите споделувајќи ја оваа лажна вест. Веројатно (не)свесно шири меѓуетничка нетрпеливост, со видео кое не е снимано сега и не е снимано во нашата држава!

Ова видео оркестрирано го споделиле десетици профили, и има десетина коментари. Очигледно ова старо видео неслучајно е објавено сега, во период кога се прават реформи во образованието. Така твитер профилот БабаРог пишува: Еее а Мила Царовска, Никола Димитров и мур….., насилно ќе ни ја бришат историјата“… Додека за Мирче Ацев Македонски за ова видео виновни се „СДСМ“. А не е изоставен ниту Артан Груби кој го прашуваат – Ова е еднаквост помеѓу заедниците или територијални претензии?

Видеото има десетици коментари, најголемиот дел од нив се со говор на омраза кон албанката етничка заедница и кон актуелната власт.

Ваквите штабски објави нема да ја разнишат меѓуетничката толеранција и соживот. Нема да ги спречат ниту реформите во образованието. Кратки се нозете на лагата и манипулацијата. Национализмот не носи среќа за никого, дури ни за оној кој го продуцира.

Д. М.