СКЕН: Луксузните коли не загадуваат, доследноста на вмровците, влада за национален спас со Наќе, Рашела и останатите генијалци…

скенира: ЏАБИР ДЕРАЛА

ВМРОВЦИТЕ НЕ ЗАГАДУВААТ Вмровците се во право кога протестираат со коли „за да биде помасовно“, како што напишаа во една своја внатрешна комуникација. Се работи за супер лускузни лимузини и спортски аутца, кои не го загадуваат воздухот, за разлика од онаа ситна автомобилска боранија во која се вози обичната раја. Не е точно ни дека оваа партија исцицала неколку, некои велат, повеќе од шест милијарди евра од земјата. Дека тоа не е целосно точно, сведочат раскошните имоти, згради, куќи, хациенди и други недвижнини, расеани низ целата земја, на најдобри локации.

НЕ ЈА МЕНУВАЈ ТЕМАТА! Значи, не се сите пари во странство, голем дел од тоа богатство е тука, во родината. Украдено богатство? Од изборни кражби до грабеж на народот и негово дисциплинирање со полиција, судство и медиуми… Стоп! Од другата страна се слуша прекорен глас: Срам да ви е, г. Дерала, ја менувате темата. Важно е дека не загадуваме, а „масовно“ протестираме! Загадувачи сте вие, обичните луѓе, што не сте се снашле. Кој Цацко ви е крив што не знаете и не сакате да бидете како нас?

Специјалниот гостин на Дневен скен со Џабир Дерала

ЕКОЛОШКИ ПОДОБНА МАСОВНОСТ Вмровците знаат како се постигнува масовност и тогаш кога ја немаат. Притоа, нивните решенија се секогаш еколошки подобни. Така, кога пред собрание се залогорија со месеци, „масовноста“ ја постигнуваа со клупите од парк. Масовната поддршка на социјалните мрежи ја постигнуваат со трол фабрики и ботови. Масовноста на улиците ја постигнуваат со луксузни коли. Сето тоа се незагадувачки технологии и политички платформи со кои се грижат за белите дробови на нацијата.

ВМРОВСКА ДОСЛЕДНОСТ Доследноста и принципиелноста на вмровските политичари е надалеку позната и никогаш нема да биде оставена на забот на времето. А за секој случај, да не случајно заборавиме колку се тие доследни и принципиелни, тие секојдневно ја потсетуваат јавноста на себе.

МИТРОВДЕН ВО ЗРНОВЦИ Добро, сега, да не ситничариме. Не стигнуваат да се договорат меѓу себе да се договорат дали мерките за борба против коронавирусот треба да се заострат, да се воведе полициски час или да се тријат меѓу себе при средбите по општинските дувла, бидејќи, нели, вирусот и не е некоја голема драма. Башка, Господ ги штити, нели? Ако не верувате, погледнете го Митровден во Зрновци, на пример.

КАРАКАЧАНОВЦИ Во исчекување на белиот чад од Софија, кој ќе даде знак дека се стопи мразот околу хегемонистичкото срце на бугарските каракачановци, можеме да се потсетиме на сите блгарски самочувствија на сега најгласните патриоти. Како на Милошоски, на пример. Незаборавни се неговите прегратски братски прегратки со каракачановци и со сомнителни типови што салутираат со фашистички поздрав… И други спортски активности на линија Скопје – Софија во минатото, а и сега.

ВЛАДА ЗА НАЦИОНАЛЕН СЕКС Вирусот не е пречка да се бараат предвремени парламентарни избори, само три месеци по нивното успешно одржување, но затоа „немало услови“ за одржување локални избори во Штип и Пласница. Ах, да не заборавиме! Секако дека во овој период, додека да се стабилизира партијата и уште малку поработи на прибирање на ситните парченца на кои се распадна, најдобро за вмровското раководство е да се формира влада за национален секс, пардон – спас, по угледот на техничката влада во кои беа Наќе, Рашела и останатите поштени генијалци, демократи и антинационалисти.