СКЕН: Признанието на Тодоров, бугарскиот пораз и лошиот ракопис од врвот на лудилото

скенира: ЏАБИР ДЕРАЛА

ГОЛЕМИНА И МУДРОСТ Физичката големина и величината се две различни работи, а како што се покажа со последните постапки на Бугарија, знаат да бидат и дијаметрално спротивни. Апсурдното однесување на Софија ѝ пружи одлична шанса на македонската политика уште еднаш да манифестира големина и мудрост.

ЕВРОПА, ЗДАЈ! Бугарските политичари „добија шанса“ и докрај ја искористија – да ја направат Бугарија и помала отколку навистина е. А на тацна им беше сервирана можност да покажат големина… Каков колосален неуспех на бугарската политика! Држава со ваков сосед нема потреба да се грижи за својата европска иднина, таа веќе ѝ припаѓа на Европа. Само треба да остане голема и мудра, со погледот кон иднината, а не кон мемливите подруми на минатото.

НОН-ПЕЈПЕР Австрискиот новинар Вершиц го објави нон-пејперот со кој бугарската страна се согласила на средбите во Берлин, под покровителство на канцеларката Меркел. Таму, во суштина, има три поенти: Во преговарачка рамка да стои чисто македонски јазик, без фусноти, објаснувања и астерикси, нема пречки на ЕУ да им кажеме дека краткото и долгото име се истозначни, и дека литературниот МК јазик е кодификуван во 1945 година, нема разговори и компромиси поврзани со идентитетот и јазикот. Тие прашања се затворени по Преспа, и бетонирани во УН. Точка.

ПИШМАН АЏИИ Можеби и има проблеми во поимањето на историјата и историските личности, како кај многу народи по светов, така и кај балканските… Историјата секогаш треба да се открива и преиспитува. Но секој што сака да ја преиспитува историјата, треба да биде спремен и на тоа дека некоја униформа или шлем може да искокнат од скришните долапи со дупло дно и двојни аршини…

МУВА НА ШЛЕМОТ Вакво ишкање на мувата од бойната каска, вакво панично, ситно и дневнополитичко бегање од договорите и напуштање на основните принципи на пристојноста, може да се очекува само од балкански политичари, па нека се и нашите благонадежни блгарски браќа и сестри. За кои, искрено се надевам, дека ќе сфатат во каков ќорсокак ја водат Бугарија.

ЗАЕВ Е ВNНОВЕН! ПАК! Се разбира, со украдени слогани што се однесуваат токму на нив, со варијации на тема Заев, тие уште еднаш, со ногопис, го препишале најексплоатираниот дел од партискиот катихизис: ЗАЕВ Е ВNНОВЕН! Пак? И што сега? Во име на тој (лажен) баланс што го наметнуваат клиентите на режимот, треба и ова да го наречеме слобода на говор и фер политички натпревар? Или смееме да кажеме дека е тапоглава и црна пропаганда на сејачите на омраза и поделби, бранителите на тешки криминалци и убијци, дистрибутери на коронавирусот (да, токму тие се!) и на лажните вести и дезинформации? Нека каже новинарскиот клиентелистички Олимп (од измет) што сака, фактите се тие.

ТЕШКО И ЗНАЧАЈНО ПРИЗНАНИЕ Во интервју за Борјан Јовановски, во ТВ 21, вмровскиот некогашен липицанер Никола Тодоров, попознат по прекарот Министер за смрт, ја соголи сопствената партија до гола кожа. Кажа неколку детали, воден од искусната новинарска рака на Борјан, како функционира индустријата на лаги и отрови во белата палата. Не дека не ги знаевме и не дека тој не можеше да скрие дека бил дел од таа индустрија, но ова тешко и значајно признание треба да остане забележано во јавноста. Којзнае, можеби еден убав сончев ден тоа ќе го забележат и истражните и судските инстанции.