На Твитер започна хајка кон Борјан Ѓузелов, авторот на истражувањето за комитетот на Европскиот парламент што ги посочи лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ како извори на лажни вести и дезинформации.
„Шефот“ на Твитер објавил: „Ова е Борјан Ѓузелов, еден од авторите кој го стави лидерот на опозицијата за генератор на FAKE NEWS. Паметен момак,со исклучително глупо еднострано истражување. Имаме Влада, која не сотре од лажење, премиер кој шири FAKE NEWS, министри, ама тој го ставил Мицкоски“.
Дезинформациите остануваат моќна сила кои ги нарушуваат состојбите во внатрешната политика во Северна Македонија, иако по промената на власта, тие се истуркани на маргините, се наведува во студија објавена на страницата на Европскиот парламент. Студијата е изработена од страна на Генералниот директорат за надворешна политика на Европската Унија по нарачка на Европскиот парламент и објавена на неговата интернет-страница под наслов „Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западниот Балкан и идентификување начини за борба со нив“.
Во неа поименично се наведуваат медиумите финансирани од унгарски бизнисмени во Северна Македонија како главни извори на дезинформации, но исто така се посочува и на профилите на социјалните медиуми на повеќе личности, меѓу нив, и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Профилот на социјалните мрежи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е наведен заедно со оние на Миленко Неделковски и Никола Груевски како извор на дезинформации. Во студија на ЕУ се наведуваат и повеќе македонски медиуми.
Д.М.