Преку фотомонтажа се шири лажна вест и говор на омраза кон активистката Видана

Говор на омраза и навреди упатени кон активистката Видана Бошкова Мицевска, откако на Твитер е објавена лажна вест преку фотомонтажа, односно твит каде што наводно Видана пишала „Ериксон да ви се деси“.

Твитер профилот Правда за пркосот го објавил фотошопираниот твит „Ериксон да ви се деси“ со коментар „На сите вас што го веете старото знаме…“.

Видана на Твитер демантира дека објавила таков твит и дека се работи за лажна вест.

„Последиците од вмрото. Не е само да сакаш тоа што го сакаш, мораш да го МРАЗИШ тој што не го сака тоа што ТИ го сакаш. Не биди такво вмро“, пишува Видана.

Ваквите лажни вести колку и да изгледаат наивно, сепак се добро осмислени и разработени од партиската машинерија. Обично таргетираат јавни личности, влијателни твитерџи(к)и, активисти и за нив објавуваат лажни вести и дезинформации се со цел да ги дискридитираат и да го нарушат угледот и влијанието што го имаат кај граѓаните.

Надлежните институции треба да преземат мерки и да ги санкционираат тие што без дозвола злоупотребуваат нечиј идентитет и фотографија за пласирање на лажна вест, најчесто преку фото-монтажа.

Дехран Муратов