СКЕН – политички видео магазин: Парламент, ден потоа…

Течат роковите за формирање на парламентарно мнозинство. Распоредот на политичките сили во парламентот, барем навидум, е јасен. Каква е ситуацијата по конституирањето на Парламентот e тема на ова издание на политичкиот видео магазин СКЕН.

Во Собранието на Република Северна Македонија на 4 август, во Големата свечена сала со голема купола се одржа конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав каде присуствуваа 117 од вкупно 120 пратеници избрани на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули. Поради пандемијата, седницата се одржа под посебни здравствени протоколи, на присутните во Собранието при влезот им беше мерена телесна температура, а на сите влезови беа поставени средства за дезинфекција. Пратеничката Јагода Шахпаска од коалицијата „Можеме“ беше избрана за претседател на Верификациската комисија на Собранието.

Веднаш по завршувањето на конститутивна собраниска седница, лидерот на СДСМ, Зоран Заев ја претстави владината програма најавувајќи дека ќе формира Влада која ќе се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, и која ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа. Тој најави дека во новата Влада ќе се намали бројот на министри и администрацијата. Заев исто така вети дека ќе има еко држава која ќе се грижи за животната средина.

„Ние во овој момент почнуваме со сериозни разговори поставени на сериозни принципи кои ќе ни донесат сериозна и посветена Влада која движи брзо напред по европскиот пат, односно Влада посветена на економијата и правдата. Влада која ги отвора преговорите за членство со Европската Унија и Влада која со секое ново отворено поглавје од преговорите ќе воведува нови европски стандарди за подобар живот, тука во нашата убава земја. Тоа го побараа граѓаните, тоа ќе го испорачаме“, рече Заев.

Во изминатиот период карактеристично за лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е да се обрати на јавноста веднаш по излагањето на лидерот на СДСМ, така беше и овој пат, веднаш по обраќањето на Заев, се обрати и Мицкоски кој најави дека ќе обезбеди парламентарно мнозинство за формирање Влада.

Меѓутоа, Мицкоски наместо да се фокусира на тоа што ќе понуди ако успее да формира парламентарно мнозинство, тој постојано зборуваше за минатото и го обвинуваше Заев, додавајќи дека „мистериозни ликови“ пробаа да убедат дел од пратениците на ВМРО ДПМНЕ да преминат кај Заев.

„Но, што и  да се случи во преговорите што ќе ги води ВМРО-ДПМНЕ во следните денови и кои ги водеше, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат дел од овој парламентарен состав ќе бидат фокусирани исклучиво на предлози кои ќе значат вистинска борба против корупцијата и криминалот. Ќе зборуваме гласно во новата влада која се надеваме дека ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ и веднаш со интензивни мерки ќе се справиме со овие предизвици кои навистина ги мачат нашите граѓани“, потенцира Мицкоски.

Демократската Партија на Албанците е првата партија која и официјално објави дека ја прифатила понудата од Зоран Заев, за да биде дел од новата влада, изјави Азем Садику од ДПА, по средбата со Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски која се одржа во Клубот на пратеници.

Од ДИУ останаа резервирани и немаат конкретен одговор за формирање на нова Влада.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев на првиот парламентарен ден пристигна со велосипед, додека Тимчо Муцунски од ВМРО ДПМНЕ дојде со електричен тротинет, при што му беше забрането да го внесе во Собранито.

Ваквите ПиАр потези веќе се видени од поранешниот премиер Никола Груевски, кога на работа одеше пешки, а додека далеку од очите на јавноста си нарачуваше масажери на седиштата во мерцедесот од половина милион евра, за што е осуден две години.

На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.

Во новиот парламентарен состав, мандати освоија 43 жени и 77 мажи. Во претходниот парламентарен состав имаше 46 жени.

Во наредните десет дена претседателот Стево Пендаровски треба да го додели мандатот за формирање влада на тој што ќе обезбеди парламентарно мнозинство. А потоа, тој што ќе го добие мандатот, во рок од 20 дена треба да ја состави новата влада. Во меѓувреме, партиите преговараат за учество во новата владина коалиција.

Дехран Муратов
Во соработка со Биљана Јордановска и останатиот дел од екипата на ЦИВИЛ Медиа

This post is also available in: Albanian