Голем интерес за конференцијата на ЦИВИЛ за изборни реформи, има само 120 места

Лидерите на политичките партии со по седум минути, а нивните претставнички и претставници, доколку лидерите се спречени со по три минути, ќе настапат на големата Конференција за изборни реформи: Перспективите на македонските избори што ја организира ЦИВИЛ на 25 септември, во хотел Континентал, со почеток во 12 часот.

Освен партиски лидери или нивни високи претставници, поканети се, а веќе и голем дел од нив ја прифатија поканата, организации на граѓанското општество, релевантни институции, меѓународни организации, амбасади, медиуми и заинтересирани граѓанки и граѓани.

Организаторите ја информираат јавноста дека бројот на места е ограничен на 120, а поради големиот интерес, потребно е заинтересираните да го најават своето присуство преку онлајн апликација.

Лидерите на политичките партии, односно оние што добиле покана на своја адреса, доволно е да одговорат позитивно на поканата на истиот канал на комуникација, односно тие нема потреба да пополнуваат апликација.

„Имаме причини да веруваме дека ова ќе биде навистина голем настан, на кој ќе се обидеме да дадеме долгорочни позитивни ефекти што ќе се потрудиме сите заедно да ги постигнеме во оваа област.“ – велат од организацискиот тим на ЦИВИЛ и ги покануваат сите партии, но и сите други засегнати страни, да учествуваат на оваа Конференција, согласно со форматот предложен и во апликацијата за учество.

На Конференцијата ќе се говори за потребата од реформи во изборниот систем во целост, а поконкретно ќе се отворат темите за Изборниот законик, изборниот модел, Избирачкиот список, политичкото финансирање и медиумите и изборите. Учесничките и учесниците на Конференцијата ќе се обидат да дадат одговори на прашањата дали, како и во кој временски рок се возможни реформи во изборниот систем. Деталната програма, како и листата на говорници ќе биде објавена на 18 септември. Во неделата пред одржување на Конференцијата, во комуникација со пријавените учесници, ЦИВИЛ ќе ја разгледа можноста за дополнувања на Програмата.

Конференцијата ќе ја отвори германскиот амбасадор Томас Герберих.

Настанот е дел од проектот „Слободни граѓанки и граѓани за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

This post is also available in: AlbanianEnglish