ЦИВИЛ ги додели наградите за најуспешните стории

ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска ги додели претпоследните пет награди за науспешните стории на граѓански новинари во рамки на проектот Граѓански објектив, кој организацијата го спроведува веќе четврта година.

Овој пат наградените стории се однесуваат на прекршување на човековите права и социјалната (не)правда, со посебен акцент на гласачкото право, но и елементарните човекови права, како правото на вода.

На доделувањето на наградите, во име на ЦИВИЛ се обрати претседателот на организацијата, Џабир Дерала, кој истакна дека овој проект е уште едно внесување на нови квалитети и стандарди во активизмот пред сè, но исто така и во медиумите.

„Граѓанските новинари ја прикажуваат реалноста онаква каква што е, а не онака како што ја прикажуваат пропагандните машинерии“, истакна Дерала.

Шестата награда ја доби Енис Алиов, за сторија која се однесува на локален проблем со којшто се соочуваат граѓанките и граѓаните на општина Штип.

Алиов, бара одговор од надлежните институции во Штип, кога и како планираат да го решат проблемот со погрешно паркираните возила низ градот.

„Двојни аршини на изборната администрација“ е сторијата на анонимен граѓански активист, добитник на петата награда. Оваа сторија се однесува на одлуката на членовите на Избирачкиот одбор да прогласат 90 гласачки ливчиња за неважечки, откако констатирале дека заборавиле на стават печат на истите.

Добитник на четвртата награда отиде во рацете на Дејан Ристов, граѓански новинар кој многупати до сега покажал дека знае како да ги искористи своите капацитети како граѓански активист, во насока на разобличување на проблемите во својата општина. Наградената сторија на Ристов зборува за за црната кампања во Велес за време на претседателските избори.

Дејан Ристов, добитник на четврта награда

„Велес е препознатлив по лажните вести. Оваа сторија беше дополнителен мотив за борба против лажните вести. На ден пред изборниот молк кога реално сите се борат за што повеќе гласови, наместо конкретни предлози и програма, ние и овој пат видовме црна кампања и пропаганда“, изјави Ристов на денешното доделување на наградите. Ристов досега неколку пати бил добитник на награда за граѓански новинари.

Сторијата за грубо кршење на Изборниот законик на Симона Манева Живкова ја доби третата награда.

Симона Манева Живкова, добитничка на третата награда

Според граѓанската новинарка во конкретниот случај за време на гласањето, Избирачкиот одбор постапил спротивно законските одредби. Овластениот претставник не бил повикан од страна на Избирачкиот одбор. Покрај тоа, на гласачите не им биле овозможени услови за тајно гласање.

Видео прилогот на граѓанскиот новинар В.К. кое зборува за условите за гласање во основното училиште „Коле Неделковски“ во центарот на Скопје ја доби втората награда. Избирачките места во ова училиште се  непристапни за лицата со посебни потреби, но не само за нив, туку и за повозрасните граѓанки и граѓани кои мора да се искачуваат на вториот кат за да можат да го остварат своето право на глас.

Јована Здравеска е добитничка на првата награда за сторијата „Жителите на Баир, Битола: Политичарите на овие избори нема да не излажат со водата!“

Јована Здравевска, добитничка на првата награда

Сторијата е посветена на жителите на Баир кои со години се обидуваат да го остварат елементарното право и да добијат вода во својата населба. До ден денес, тие живеат без вода! Единствениот пат кога градоначалничката на Битола ги посети жителите на оваа населба беше по сторијата објавена на ЦИВИЛ Медиа, но досега не успеа да им го реши проблемот.

Ова се претпоследните награди кои ЦИВИЛ ги доделува на граѓанските новинарки и новинари. Затоа набљудувајте, снимајте и известувајте!

This post is also available in: Albanian English