ЦИВИЛ бележи пораст на меѓуверска и меѓуетничка омраза

МЕЃУВЕРСКИ И МЕЃУЕТНИЧКИ ТЕНЗИИ

ЦИВИЛ бележи пораст на случаите во кои јавно се манифестира меѓуверска омраза, со отворени повици за насилство, поточно „света војна“. На верски мотивираните собири, било да се од обреден карактер, било да беа протестни собири, се бележи грубо непочитување на мерките за заштита од коронавирусот, како и непостапување на полицијата.

Верските лидери потфрлија во овој период. Нивното однесување и пораките во јавноста придонесе кон влошување на состојбите и во поглед на заштитата од ширењето на коронавирусот и во поглед на меѓуверските и меѓуетничките односи. Верските лидери се мешаат во политиката, што е недозволиво, а во предизборниот период таквото мешање може да предизвика огромна штета на политичките и демократските процеси во земјата.

Во поглед на меѓуетничките односи, бележиме пораст на говорот на омразата на етничка основа. Имаме јасни индикации дека дел од политичките партии и медиумите што се под нивна контрола, спроведуваат систематска кампања со потпалувачки говор и со поттикнување на меѓуетничката нетрпеливост и омраза.

ИНФОДЕМИЈА

Врз основа на стотици регистрирани случаи во мониторингот на ЦИВИЛ, се констатира дека македонското општество се соочува со тешки последици од инфодемијата, лажните вести и говорот на омразата кои произлегуваат од деструктивната кампања на одредени центри на моќта во земјава и во светот.

ГОВОР НА ОМРАЗАТА

ЦИВИЛ најостро го осудува говорот на омразата и изразува солидарност со сите жртви на говорот на омразата. Истовремено, ЦИВИЛ бара од институциите да постапат соодветно и според законските обврски, да не дозволат ваквиот говор на омразата да остане несанкциониран. Лажните вести и говорот на омразата мора да се осудат, обесхрабрат и санкционираат.

ЦИВИЛ Тим за комуникации