Лажна вест: Македонија со најмногу починати од COVID-19 на 1 милион жители во регионот

На Твитер деновиве се појави инфографик во кој Северна Македонија се прикажува како земја на Балканот со најмногу починати од COVID-19 на 1 милион жители. Авторот на инфографикот е непознат, но затоа статистиките на кои се повикува неименуваниот автор се достапни и познати и лесно можат да се проверат.

Она што е евидентно од прв поглед на инфографикот е отсуството на Словенија меѓу земјите кои се опфатени во прегледот. Според енциклопедијата Британика, Балканот го сочинуваат следните држави: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија и Словенија – земји кои се целосно или делумно лоцирани во рамките на полуостровот, додека делови од Грција и Турција се исто така лоцирани во географскиот регион генерално дефиниран како Балкански Полуостров.

Па така, ако ги земете податоците објавени на веб-сајтот Worldometer заклучно со 9 април 2020 г. до 16 часот, од земјите во регионот односно на Балканот, Словенија се наоѓа на првото место по бројот на починати од COVID-19 на 1 милион жители, и тоа 21, потоа следуваат Северна Македонија со 14, Босна и Херцеговина со 11, Турција со 10, Србија, Грција и Албанија со 8, Хрватска со 5, Бугарија и Црна Гора со 3, а за Косово нема податоци.

Некои медиуми ја пренесоа информацијата како факт, повикувајќи се на објавата на Твитер од страна на псевдоним и алудирајќи дека министерот за здравство Венко Филипче ја прикрива реалната слика за сериозноста на здравствената криза со COVID-19 во Северна Македонија, со сензационалистички и малициозни наслови: „Каде е Македонија на регионалната „црна листа“ за Ковид-19? (ФОТО)“ и „ФИЛИПЧЕ НЕ ЈА ПОКАЖУВА ОВАА СЛИКА: Македонија е нa прво место на црната листа на пoчинaти од кopонавирус на милион жители“. По спроведената проверка на бројките, констатираме дека станува збор за лажна вест.

Прво, изоставувањето на Словенија (која има приближно иста популација како Северна Македонија) од обработката на податоците поврзани со пандемијата на новиот коронавирус е веројатно направено намерно, за да се прикаже Северна Македонија како земја од Балканот со најмногу починати на 1 милион жители. Тоа е лага. Вистината е дека Северна Македонија би се нашла на второто место кога би правеле таква листа.

Второ, таквото тенденциозно манипулирање со податоците остава простор за сомнеж дека станува збор за пропаганда, излезена од кујната на некој од центрите на моќ, што би можела да придонесе кон непотребно ширење паника меѓу населението и преиспитување на исправноста на мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија за заштита и превенција од COVID-19, па дури и последици по јавното здравје како резултат на евентуалното непочитување на истите, како и поткопување на кредибилитетот и оцрнување на владата, министерот за здравство и другите релевантни институции инволвирани во националниот одговор на пандемијата на новиот коронавирус, а сѐ со цел прибирање на политички поени во време криза.

Трето, не треба да се игра така лесно со толкувањето на статистиките бидејќи во случајов треба да се земат превид и другите околности на починатите од компликации поврзани со COVID-19, како што се на пример нивните возраст, здравствена историја, хронични болести, коморбидитети итн. Затоа е најдобро прашањата околу бројките и нивното значење да се адресираат до епидемиолозите во Институтот за јавно здравје кои можат попрецизно и поточно да дадат толкување на статистиките во нашиот контекст.

Согласно насоките за безбедно и професионално известување за коронавирусот (COVID-19), издадени од Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Советот за етика на медиумите во Македонија, новинарите се должни да направат добра проверка на информациите пред да ги објават во нивните медиуми, а за да се осигура етичко, професионално и одговорно известување за коронавирусот.

Петар Стојковиќ