Рускиот агитпроп за Ковид-19 пустоши во ЕУ и балканските земји

На почетокот на април, Европската Унија објави Специјален извештај во врска со присуството на дезинформации во светските медиуми и на социјалните мрежи во врска со пандемијата на корона-вирусот. Извештајот треба да ги помогне напорите на ЕУ да се спротивстави на дезинформациите, вклучително и преку откривање, анализа и изложување на кампањи за дезинформации. Според извештајот, постои јасна тенденција на зголемување на дезинформациите во целиот свет, кои може да имат штетни последици врз јавното здравство и ефективната комуникација за време на кризата.

ЕУ смета дека во земјите членки, но и во други места, координираната дезинформациска порака има цел да ги претстави ранливите малцинства како причина за појавата на пандемијата и да се поттикне недоверба во способноста на демократските институции ефективно да се справат со кризата.

„Некои држави и актери поддржани од држави се обидуваат да ја искористат јавната здравствена криза за да ги унапредат геополитичките интереси, честопати со директно оспорување на кредибилитетот на Европската Унија и на нејзините партнери“, се истакнува во извештајот.

Најодговорни за ширењето на вакви дефинформации се сметаат Руската Федерација и руските медиуми, особено РТ и Спутник. На пример, профилите на Фејсбук и Твитер на Спутник во Германија ширеле информација дека миењето раце не помага да се спречи ширењето на заразата. Од 22 јануари, авторот на извештајот има регистрирани 150 случаи на проруско известување кои содджат дезинформации за пандемијата. Особено се истакнува подготвеноста на Кремљ да се справува со заразата, како и да им пружи помош на други држави во справувањето со последиците на пандемијата, особено на Италија.

Освен Русија и руските медиуми, во акцијата за организирано ширење дезинформации за Ковид-19 се спомнуваат и други држави, како Кина и Турција. Државните медиуми и владините претставници на Пекинг промовирале недокажани теории за потеклото на вирусот и ги пренагласиле фалбите на некои европски лидери за кинеската помош. Од друга страна, во Турција преку социјалните мрежи биле пласирани лажни и искривени здравствени информации за болеста како и неосновани критики против Европската Унија воопшто.

Што се однесува на земјите од Западен Балкан, извештајот забележува дека за појавата на Ковид-19 во медиумите и социјалните мрежи кружат теории на заговор дека вирусот е биолошко оружје произведено од САД, кое наводно се користи како изговор за инвазија во Европа. Освен тоа, присутна е и анти ЕУ реторика, според која Унијата ги заборавила балканските земји во напорите за справување со кризата.

Извештајот препознава четири наративи што преовладуваат во дезинформациите што руската пропаганда ги шири на европско тло и пошироко.

Првиот наратив е дека Унијата не успеа да се справи со пандемијата на коронавирусот и затоа треба да се очекува нејзино распаѓање. Овој нарартив дека ЕУ се демонтира е промовиран од проруски медиуми во членките на ЕУ како и во земјите од Западен балкан.

Унијата се покажала себична за време на кризата и ги изневерила своите вредности, е вториот наратив што го користеле проруски извори на дезинформации во земјите членки, Балканот и дури во африкански земји. Во Украина, на пример, ваквиот наратив за пропаѓање на ЕУ е дограден и со тврдењето дека земјата е неуспешна и напуштена од нејзините европски сојузници.

Про-Кремљ пропагандата во третиот наратив за ширење дезинформации е сеењето магла дека Европската Унија ја искористила кризата со вирусот да ги зајакне своите интереси. Според нив, тоа најдобро се гледало како Брисел застапува просрпски ставови во Косово.

Последниот наратив на агитпропот на Москва за пандемијата е дека Русија и Кина се одговорни сили, кои не само што успешно се справуваат со заразата на сопствен терен, туку им помагат и на други земји, дури и членки на ЕУ, да се справуваат со кризата.

Случајно или не, сите овие наративи во известувањето за пандемијата на корона-вирусот беа присутни и во дел од онлајн-медиумите кај нас, кои се сметаат за критички настроени кон актуелната власт. Тешко е да се рече дали ова совпаѓање е случајно или, сепак ,има одредена поврзаност со агитпропот на Кремљ.

Во изминатиот месец во дел од овие медиуми беше известувано за разни теории на заговор како вирусот бил креиран во разни лаборатории во Велика Британија, САД или Германија со цел да го забават економскиот развој на Кина. Видовме и тенденциозно известување за пристигнувањето на американските сили во Европа, кои треба да учествуваат во најавената воена вежба планирана за мај годинава. Се преувеличуваше бројката на војници и на воената опрема, како и за наводната вознемиреност на германската јавност.

Впечатлив беше начинот како овие медиуми известуваа за начинот како италијанските граѓани го изразуваат револтот кон Европската Унија поради отсуството на солидарност. Преку сензационалистички наслов, порталот Вечер тврдеше дека Европа била во шок зашто потпретседателот на италијанскиот парламентот го тргнал европското знаме од својата канцеларија и се збогувал со ЕУ. Во ист дух, порталот Експрес ја пренесе изјавата на италијанскиот десничар, Матео Салвини, кој Европската Унија ја нарекува легло на змии и чакали и најавува скорешно напуштање на Унијата по надминувањето на кризата со вирусот. Ни ЕУ беше во шок ни Италија ја напушти Унијата, останаа само сензационалистичките наслови што ширеа лажна перцепција во македонксата јавност за тоа што се случуваше во Италија. Овие медиуми забораваат да ѝ објаснат на јавноста дека во Италија на власт се други партии и не одлучуваат претставниците на Северната лига, Салвини и Рампели, кои сега се во опозиција.

Повеќето од овие медиуми во еден глас ја преувеличуваа помошта што Русија и Кина им ја даваа на Италија и на други земји погодени од последиците на пандемијата. Така, за Република, кинеските лекари што носеа медицинска помош за Србија се херои, додека за Магазин, со помошта од еден милион долари за Светската здравствена организација, Русија покажала хуманизам во дело. Овие медиуми не известуваа со ист тон или воопшто ја игнорираа помошта за Италија што пристигнуваше од западните земји.

Во известувањето на дел од онлајн-порталите беше присутно и она што Европската Унија го оквалификува како руска дезинформациска акција за поткопување на демократските институции и нарушување на довербата на јавноста во справувањето со здравствената криза. Таков пример во македонските медиуми беше забележен во известување на одредени медиуми за кризата во Дебар. Инфомакс тогаш објави текст со драматичен наслов (Фото) XAOC ВО ДЕБAP: Блokaди на патиштата, пoжap над градот, апokaлиптични cцeни во Македонија, каде без малку се оставаше впечаток дека целиот град е во пламен, во целеосен хаос и надвор од контрола, што секако дека беше далеку од вистината. Истиот портал неколку дена по катаклизмичното известување за Дебар, објави вест со која ја плашеше македонската јавност дека ќе сме останале без леб затоа што наводно нашата пченица се извезувала во Косово. Помина еден месец, ни останавме без леб, ниту снема пченица, напротив, владата им дозволи на мелничарите да извезуваат пченица.

Кога се соочувате со вакво перманентно непрофесионално известување кај едел дел од онлајн-медиумите, изјавите на заменик-министерот за внатрешни работи, Славјанка Петровска, презентирани на панел-дискусијата на Цивил минатиот месец на тема: „Слободни избори наспроти црната пропаганда“ треба сериозно да се сфатат. Петровска зборуваше за хибридните закани врз демократијата, но и за неодамнешниот скандал со наводите што ги изнесе словенечкиот портал Нецензурирано, за слевање на 2,5 милиона евра во пет медиуми во Македонија.

„Со право темата на хибридни закани станува актуелна, особено во предизборието. Хибридната војна не е ништо ново во демократските земји во светот. Повеќе или помалку хибридните закани може да добијат дополнителен облик. Тоа значи дека некоја страна, во или надвор од државата, има некаков интерес да направи напад врз некој сегмент од општеството“, изјави тогаш Петровска. Таа тогаш го повика Јавното обвинителство да отвори предистражна постапка и сериозно да ги провери наводите од словеничкиот медиум затоа што има сериозни индикации за нелегално финансирање медиуми.

За волјата на вистината, во проопозициските онлајн-медиуми имаше и примери каде се известуваше за одредени наводи за злоупотреби, што подоцна се покажа за основано, без разлика на агресивниот стил на пласирање во јавноста. Тендерот со набавката на респираторите, за кој овие медиуми фрлија сомнеж дека има елементи на злоупотреби во постапката, се поништи.

Освен тоа, владините претставници не треба да ги дискредитираат новинарите што поставуваат незгодни прашања со тоа дека шират лажни вести. И тогаш кога има такви намери, треба да одговараат смирено со изнесување факти и без навлегување во мотивите на новинарите за таквите прашања. Мора да разберат дека нема лоши прашања, има лоши одговори.

Насер Селмани/извор МЕТА