ИЗБОРЕН РАПОРТ #27: Претерана регулација на хартија, грешки во пракса, административни акробации и детали за попречувањето на работата на набљудувачите

Во ова издание на Изборен рапорт, ја известуваме јавноста за најновите административни акробации во изборната регулатива, за претераното регулирање на детали во процедурите, а нивно неспроведување во праксата, како и детали за попречувањето на работата на набљудувачите на ЦИВИЛ на денот на гласањето на 17 октомври.

ЦИВИЛ уште еднаш ја истакнува својата искрена намера и целта на овие извештаи и на мониторингот во целост. Правото на глас, законитост и спроведување слободни, фер и демократски изборни процеси, како и поддршка за институциите релевантни за изборните процеси се главните мотиви на организацијата да спроведува мониторинг на изборните процеси од 2008 година наваму.

Одлука и повлекување на одлука

Државната изборна комисија на седницата на 26 октомври изгласа измена на упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња, донесено на 3 март 2020 година. Според одлуката на ДИК, измените се состојат во тоа што во став 7 од Упатството се брише одредбата според која на гласачкото ливче треба да има печат на предната страна.

Првата реакција на експертите во состав на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ беше дека оваа измена во Упатството се носи на само 5 дена пред денот на гласањето во вториот круг на локалните избори, што може да предизвика проблеми и недоразбирања кај членовите на Избирачкиот одбор.

Освен тоа, ваквата одлука е широко отворање на вратите за т.н. полнење на гласачките кутии. Со нефункционалноста на уредите за биометриска идентификација на гласачите кои, патем речено, чинеа 11 милиони евра, пари на граѓанките и граѓаните, ова е уште една „чудна“ околност поврзана со постапката на гласањето на локалните избори.

Како и да е, под притисок на јавноста, ДИК свика седница веќе наредниот ден, на 27 октомври, во 11 часот и половина час пред 27-то издание на Изборен рапорт донесе нова одлука со која одлуката од претходниот ден ја повлече. Значи, печат ќе има на секое гласачко ливче. ЦИВИЛ ја поддржува одлуката да се повлече одлуката.

Ситна административна грешка што предизвикува крупни проблеми

Како една, навидум ситна, административна грешка може да доведе до изборни нерегуларности? Сè зависи од намерите. Какви биле намерите, а какви капацитетите на релевантните институции во пресрет на локалните избори, останува допрва да се истражува и анализира. За што се работи?

Денешното издание на Изборен рапорт се занимава со набљудувачите и нивните проблеми со органите на изборната администрација на денот на гласањето, 17 октомври. Ова е илустрација за тоа како одредени административни пропусти кои навидум изгледаат како ситница, можат да предизвикаат изборни нерегуларности.

Регулирање само на хартија

Според Упатството за изгледот на беџовите за идентификација на сите учесници во спроведувањето на изборните процеси и набљудувачите, донесен од Државната изборна комисија на 25 август 2021 година, во спецификацијата според Член 3, точка 1 се вели:

„Во долниот дел на беџот, во средина, на светло зелена основа стои текст „домашен набљудувач“. Името и презимето на набљудувачот е отпечатено на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот на заедницата на која ѝ припаѓа набљудувачот.“

Скриншот: извадок од Упатството за изгледот на беџовите, 2021 година.

Овој опис е идентичен на описот од упатството од 2020 година, каде што во описот на овој беџ стои и:

„Горниот дел од беџот се перфорира и се поставува метално-пластична штипка.“

Оваа година, таа обврска е прескокната. Немаше штипки на акредитациите што ги добивме од ДИК. Се штеделе, веројатно, пари за набавка на фингерпринт апаратите вредни 11 милиони евра.

Скриншот: извадок од Упатството за изгледот на беџовите, 2020 година.

Беџови без штипки

Многу малку од ова е запазено во беџовите што Државната изборна комисија му ги издаде на ЦИВИЛ во пресрет на локалните избори.

Беџовите беа без штипки, но тоа не беше проблем. Организацијата веднаш набави штипки, следејќи ја одредбата во Кодексот за набљудување:

„Акредитираните набљудувачи ТРЕБА да носат на видно место овластување-беџ издаден од Државната изборна комисија, како и лична исправа.“

Скриншот: извадок од Кодексот за набљудување, 2021 година.

Нема штипка, нема видливост, но ЦИВИЛ го среди и тоа. Една штипка чини 7 денари, што е 1.988 денари за сите 284 акредитирани набљудувачи на организацијата.

Беџови без име

Но, беџовите кои ги доби ЦИВИЛ не содржеа име. Полето каде што треба, според Упатството, да биде отпечатено името и презимето на набљудувачот, беше празно.

Беџовите беа испратени пластифицирани. Тоа не можеше да се среди. Освен тоа, светло зелено поле на беџот нема никаде.

Беџ од ДИК, пластифициран, без име, Локални избори 2021

Беџовите – изговор за попречување на набљудувањето

Дел од избирачките одбори тоа го зедоа како изговор да не ги примат набљудувачите на ЦИВИЛ на избирачките места. Моравме со интервенции до ДИК да ги враќаме нашите набљудувачи во избирачките места.

Избирачките одбори на денот на гласањето на 17 октомври беа соочени со голем број проблеми поврзани со нефункционирањето на уредите за биометриска идентификација на гласачите (фингерпринт апаратите), како и со други предизвици. Во голем број од случаите, тие беа креативни и го решаваа тој проблем на најразлични начини.

„Креативни“ избирачки одбори

Сепак, некои од нив беа „креативни“ на погрешен начин. На неколку избирачки места, одборот им издаде легитимации од ДИК за партиски набљудувачи на кои своерачно ги напишаа имињата на нашите набљудувачи.

Беџ за партиски набљудувач, издаден под притисок на набљудувач на ЦИВИЛ на 17 октомври 2021.

Таквата постапка е:

  1. Спротивна на законските и подзаконските акти;
  2. Погрешна и наведувачка, може да предизвика заблуда, бидејќи се работи за граѓански, а не партиски набљудувачи;
  3. Навредлива и за набљудувачите и за организацијата.

Overregulated или претерано регулирано. Тоа е краткиот опис на еден дел од проблемите со кои се соочува изборната регулатива. Од една страна, се регулираат сите аспекти до најситните детали од процедурите и постапки, а од друга страна, малку од тоа навистина функционира во праксата.

Во комбинација со незнаење или намерно искривување на процедурите и законските одредби, доаѓа до сериозни повреди на правото на глас, едно од фундаменталните човекови права во светот и кај нас.

Попречување и дрскост кон набљудувачите на ЦИВИЛ

Во продолжение, да видиме какви проблеми имаа нашите акредитирани набљудувачи во текот на својата работа на денот на гласањето во првиот изборен круг на 17 октомври.

Во 7:10 часот пристигна првиот извештај за попречување на работата на набљудувачите на ЦИВИЛ. На ИМ 2755 во општина Аеродром, под изговор дека не пишува име на беџот од ДИК.

Во 7:20 минути пристигна и вториот извештај за истата ситуација, овој пат од ИМ 0031 во општина Битола.

И така со ред, веќе од првиот час по отворањето на избирачките места низ земјата, нашите набљудувачи се соочуваат со попречување на работата од страна на избирачките одбори во ИМ 2317 во Карбинци, ИМ 1358, 1359, 1360, 1361 во Прилеп, ИМ 2622, 2623, 2624, 2625, 2626, 2627 во Карпош, ИМ 0675 во Кавадарци.

Во ИМ 1027 во Куманово, член на ИО Дејан Стоимановиќ, коментирал на нашиот набљудувач со зборовите:

„Што е ова пазариште, беше предходно ваш набљудувач, не може да набљудуваш тука и секој нареден ќе биде одбиен!“

Но потоа претседателката на ИО на тоа ИМ ја прекинала таквата комуникација и му дозволила на набљудувачот на ЦИВИЛ да ја спроведе својата задача. Во ИМ 1045 во Куманово, на набљудувачот на ЦИВИЛ му бил забранет пристапот до ИМ, под образложение дека веќе има набљудувач на ЦИВИЛ, но дека е излезен на цигара, што било целосно неточно. Немало набљудувач на ЦИВИЛ во тоа ИМ во тој момент.

Притисок врз набљудувач на ЦИВИЛ се бележи и во ИМ 1678 во Свети Николе, каде што член на избирачкиот одбор гласно коментирал дека имаат чести посети од ЦИВИЛ-ите, наводно „веќе трет пат“ доаѓале.

Во ИМ 2628 во Карпош, претседателката Анета Бошкова дрско се обратила кон нашиот набљудувач, коментирајќи дека на секои 20 минути влагувале и излегувале набљудувачите на ЦИВИЛ, а за документацијата што ѝ била предочена, рекла дека секој може да земе такво и да влегува да набљудува и да прави што сака. Попречување се бележи и во ИМ 2629 во Карпош.

Во ИМ 1900/1, претседателот на ИО, Уран Мејзини, на набљудувачот на ЦИВИЛ му го одземал овластувањето од ДИК, а кога го побарал назад, го прашал дали ќе се враќа. Кога одговорил потврдно, му рекол дека нема право да се враќа, затоа што не му пишувало име и презиме на овластувањето. Валентина Стојковиќ член на истиот ИО му го фотографирала овластувањето на нашиот набљудувач.

Ова е само еден мал дел од досега обработените 76 извештаи од набљудувачите на ЦИВИЛ од целата земја. Се работи на обработување на останатите извештаи од теренот. Кога ќе биде завршен, ќе бидат објавени сите податоци.

Џабир Дерала во соработка со Мониторинг тим на ЦИВИЛ
Камера: Атанас Петровски
Реализација и монтажа: Ариан Мехмети