Данела Арсовска со „кратки нозе“ за загадувањето на воздухот во Скопје

Загадувањето на воздухот е една од поважните теми за кои се дебатира во кампањата за овие локални избори. Во оваа дебата, за жал, дел од кандидатите употребуваат и невистини и дезинформации, со кои ја доведуваат во заблуда јавноста. Таков е примерот со кандидатката за градоначалничката функција во Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, која на партиски митинг одржан на 12 октомври за аерозагадувањето кажа дека „состојбата не се менува на подобро“.

 

Но, ова тврдење на Арсовска не е поткрепено со факти. За аерозагадувањето во Скопје, и мерењето на нивото на штетните ПМ2.5 и ПМ10 честички, досега објавените податоци и споредбата низ години укажуваат на тренд на намалување, односно, на менување на состојбата на подобро, и тоа според повеќе светски а и домашни извори.

Колку за илустрација, како што објавил британски Гардијан во текст во 2017 година, нивото на ПМ 2.5 честички во Скопје било дури 45 µg/m³. Според податоците што ги објави Град Скопје,  за „Загадувањето во Скопје според IQAir“ Во 2018 година, пак, во Скопје се измерени 34.0 µg/m³ ПМ 2.5 честички, во 2019 оваа бројка паѓа на 32.4 µg/m³, а во 2020 имаме 30.6 µg/m³ ПМ 2.5 честички во воздухот.

И нивото на ПМ 10 честички во Скопје се намалува: „Последните неколку години, екстремното загадување во главниот град бележи намалување… резултатите од анализите на загадувањето со ПМ10 честичките во претходните четири години покажуваат тренд на намалување на годишно ниво“, пишува Слободен Печат во статијата „Опаѓа загадувањето во Скопје – инвертерите, печките на пелети и другите мерки даваат резултати“ објавена минатиот месец, повикувајќи се на резултати од Министерство за животна средина и просторно планирање.

Во иста насока известува и Канал 5 во прилогот „Истражување: Скопје годинава дише помалку загаден воздух во последните пет години“ објавен на 10 април 2021, посочувајќи релевантни статистички податоци.

И експерти тврдат дека намалувањето на загадувањето во Скопје е факт: „Факт е дека години наназад се намалува загадувањето во Скопје, но треба уште да се работи за да бидеме подобри. Ако се продолжи вака ќе се коригираме блиску до граничните вредности, вели за „Слободен печат“ професорот Дејан Мираковски, од Штипскиот универзитет кој учествува во истражувањата и мерењата на загадувањето во РСМ.“

Зошто тогаш во изборната кампања дел од кандидатите изнесуваат невистини за аерозагадувањето? Очигледно, тие добро знаат дека квалитетот на воздухот е важна тема за граѓаните, и се обидуваат преку оваа тема да ги придобијат нивните гласови.

Факт е дека загадувањето на воздухот во Скопје е намалено, но исто така е факт дека тоа не е доволно. Граѓаните очекуваат уште подобри резултати, бидејќи загаденоста влијае на нивното здравје и животи. А до такви резултати не се доаѓа со невистини и манипулации, туку со конкретни понуди и решенија.  Таква дебата заслужуваат граѓаните на Скопје.

Петрит Сарачини