Јавен настан на ЦИВИЛ: Министерот за правда, членови на ДИК и парламентарци на едно место, за изборните реформи во пресрет на локалните избори

ЦИВИЛ организира јавен настан на тема „Изборните реформи во пресрет на локалните избори: постигнувања и предизвици“, денеска, 23 јуни 2021, со почеток во 13 часот, во хотел Парк Резиденс (зад градскиот фудбалски стадион), Скопје. Настанот се предвидува да трае 70 минути.

На почетокот на јавниот настан ќе има 10-минутна презентација на проектот „Европски перспективи, следно ниво“ и најава за активностите на ЦИВИЛ за време на изборниот процес.

Веднаш по презентацијата следи конференција на која ќе зборуваме за измените во Изборниот законик, конструктивноста на политичките чинители во постигнување договор прифатлив за сите, изборни реформи во контекст на промена на изборниот модел, досегашни постигнувања, очекувања и препораки, но и предизвици во контекст на локалните избори.

На конференција ќе учествуваат министерот за правда, Бојан Маричиќ, Халил Снопче, пратеник и претставник од Алијанса за Албанците, потпретседателка на Државна изборна комисија Дитмире Шеху, Борис Кондарко, член на ДИК, Арбер Адеми, претставник на партијата ДУИ и Џабир Дерала, претставник на ЦИВИЛ. Најавен е и Бобан Стојаноски, член на ДИК.

Настанот е дел од проектот „Европски перспективи, следно ниво“ кој ЦИВИЛ спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Проектот обединува повеќе компоненти од кои едната е „Локални избори, следење и известување; придонес кон реформите во изборниот систем“.

Настанот ќе биде емитуван во живо на Фејсбук страницата и на видео каналот на ЦИВИЛ. Редакциите можат да ја преземат снимката од ЦИВИЛ според лиценцата Creative Commons (атрибуција и линк), како и содржините што ќе произлезат од настанот на медиумската платформа на ЦИВИЛ на македонски, албански и англиски јазик.

ЦИВИЛ