Најрелевантни информации, ставови и препораки за изборите на настанот на ЦИВИЛ

ЦИВИЛ организираше конференција на тема: „Изборните реформи во пресрет на локалните избори: постигнувања и предизвици“, на која учествуваа министерот за правда, Бојан Маричиќ, Халил Снопче, пратеник и претставник од Алијанса за Албанците, потпретседателка на Државна изборна комисија Дитмире Шеху, Арбер Адеми, претставник на партијата ДУИ и Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

„Изборите се вечна тема кај нас, особено во изборни години. Оваа година во очи на изборите да направиме нови препораки и се што може да го подобри изборниот процес на Република Северна Македонија, и да го направи подобар и поблизок до граѓаните, а со тоа да ги мотивираме граѓаните да учествуваат во изборите, изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ на конференцијата ЦИВИЛ на тема „Изборните реформи во пресрет на локалните избори: постигнувања и предизвици“.

„Како министерство за правда ќе негуваме институционален дијалог. Кај нас веќе има група која работи на измените на изборниот законик, и веќе направивме една, системот за верификација, со отпечатокот од прст. Едногласно во собранието и со поддршка од скоро сите пратеници беше изгласана измената за фингерпринт. За прв пат тоа ќе се случи кај нас, и е многу голема одговорност за ДИК. Многу одговорно се вклучија во спроведувањето на овој процес и се надевам дека така и ќе продолжи. Процесот на воведување на отпечатокот на прст не е евтин и затоа владата одвои средства. Се надеваме дека во најкраток можен рок ќе се набават апаратите и ќе се обучат луѓето, како исправно би се спровел изборите. Очекуваме голем ангажман на дик и на медиумите како и на сите институции.

Вториот дел од измените се препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Дојдовме до листа на предлог мерки кои би значело целосна имплементација на препораките на ОДИХР и ОБСЕ. За скоро време би можеле да го видиме тој закон во парламентот, да се дискутира и да се донесе. Ќе останеме на добрата практика, да изборниот законик се менува со консензус. Затоа сме отворени за дискусија со сите политички партии со цел таа дискусија да биде поедноставна.  Локалните избори секогаш даваат повеќе можности од било кој друг изборен процес. Лицата со попреченост ќе можат да учествуваат во гласањето, што досега не беше така. Останува прашањето за изборниот модел бидејќи се работи за политички прашања за кои треба повеќе време и дискусија за да се дојде до некое решение“, додаде Маричиќ.

Дитмире Шеху, потпретседателка на Државна изборна комисија, истакна дека ДИК спроведе избори за време на пандемија и според извештаите на релевантните тела, има мал број на забелешки за одржување на изборите.

„ДИК донесе ценовник за медиумите, и тоа во краток рок кој не беше соодветен, а тоа не беше обврска на ДИК. Ниту на еден граѓанин не му беше оневозможено правото на глас, односно им овозможивме на сите граѓани да го остварат правото на глас. Околу 200 апарати за отпечаток на прст ќе ни бидат достапни за да тестираме како ќе се одвива гласањето. Околу 4.000 апарати се предвидени за гласањето. Доколку не работи апаратот, тогаш ДИК ќе биде известен, но сепак гласачот ќе има право да гласа, додаде Шеху.

Халил Снопче, пратеник и претставник на Алијанса за Албанците, истакна дека ДИК треба да ги спроведе законите што ги спроведува Собранието.

„Министерот го истакна фингер принтот, но јас кажувам дека во Македонија немаме проблеми со донесување закони, имплементацијата е проблем. Законот беше донесен требаше да се имплементира.

Имавме предвремени избори во Штип и Пласница. Законот, ако некој го обжали, изборите во Штип и Пласница биле нелегитимни. Кај нас проблемот е повеќе дали ќе има отворени листи, дали ќе се имплементира фингер принтот и како ќе биде поделбата со изборните единици. Тука не сме сложни сите политички  партии.  Сите партии мислат различно. Нашата партија мисли дека треба да се поделат во 8 единици. Тие препораки на ОБСЕ ќе се применат, законите ќе се донесат и ДИК  мора да ги имплементира. Ако одиме наназад во историјата, епистемиолошки веруваме дека ќе се повтори историјата. Сега треба да веруваме дека историјата нема да се повтори. Дури во 2002 година  е донесен законот за пропорционален модел со 6 изборни единици. Во тоа време се дозволило да има разлика од 3 отсто од една до друга изборна единица.

Во 2006 година,  прв и последен пат е зголемен бројот на гласачи, за 77.153 гласачи повеќе“, потенцира тој.

Арбер Адеми, претставник на партијата ДУИ, нагласи дека проектот „Европски перспективи (следно ниво)“ е исклучително важен проект со важни општествени теми како што се реформите во образование, борбата со хибридните закани, како и изборните реформи.

„Се залагаме за отворени листи за советници, тоа е тестирање на нашиот изборен модел кое ќе биде тест дали може да се имплементира и во парламентарните избори. Ние ја почитуваме волјата на гласачите и ја разгледуваме опцијата за еден круг гласање за градоначалник.

Треба да имаме консензус од сите политички партии и заедно да ги усвојуваме законските решенија. Да не се водиме само од партиските интереси, додаде Адеми.

„Државата има обврска да обезбеди максимални услови за искористување на правото на глас на секоја граѓанка и секој граѓанин – беше категоричен претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во своето излагање на конференцијата „Изборните реформи во пресрет на локалните избори: постигнувања и предизвици“. Тој откри неколку детали за начинот на кој ЦИВИЛ се ангажира во изборните процеси и во изборните реформи.

„Активностите на ЦИВИЛ во рамките на изборните процеси е прилично комплексна активност во најмалку три области, и ги работат посебни тимови. Мониторингот на ЦИВИЛ мора да биде добро заштитен и сосема независен од сите останати активности на ЦИВИЛ. Граѓанската едукација се однесува на правото на глас, поделено и изолирано од мониторингот. Организацијата продолжува со мониторингот на изборниот процес. Веќе е интензивиран долгорочниот мониторинг на изборите. Повеќе од 12 луѓе веќе активно мониторираат“, открива претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, за време на конференцијата за изборни реформи, што се одржа на 23 јуни 2021.

Во врска со изборните реформи, Дерала истакна дека „процесот треба да биде соодветен на капацитетите и потребите на институциите, а уште повеќе на граѓанките и граѓаните“.

Дерала се осврна на работата и на предизивиците поврзани со Државната изборна комисија, оценувајќи дека, наспроти многу сериозните предизвици, сепак, оваа институција успеа добро да се справи со нив и излезе, условно кажано, како победник. Тој додаде дека на ДИК мора да му се овозможи зајакнување на капацитетите, меѓу другото и во поглед на сајбер безбедноста. Дерала напомна дека од онлајн архивата на ДИК недостигаат, на пример, податоците за Референдумот во 2018 година.

„Најголемите меѓународни организации, голем дел од своите констатации анализи и извештаи ги прават врз основа на тоа што домашните експерти го кажуваат. Политичките партии имаат сериозен експертски капацитет но имајте предвид, дека многу сериозен дел од тоа што го кажуваат големите институции се заснова на нашите сознанија, извештаи и комуникацијата со гласачите.“ – изјави, меѓу другото, Дерала од ЦИВИЛ.

„На денот на гласањето истрчуваме на терен со 300 мобилни набљудувачи. Секој од нашите набљудувачи покрива 5-15 избирачки места, што значи дека голем дел од нашата земја ќе го покриеме ние. На тој ден имаме и екстра екипи кои ја проверуваат веродостојноста на извештаите на нашите набљудувачи“, соопшти Дерала.

Настанот е дел од проектот „Европски перспективи, следно ниво“ кој ЦИВИЛ спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Проектот обединува повеќе компоненти од кои едната е „Локални избори, следење и известување; придонес кон реформите во изборниот систем“.

Редакциите можат да ја преземат снимката од ЦИВИЛ според лиценцата Creative Commons (атрибуција и линк), како и содржините што ќе произлезат од настанот на медиумската платформа на ЦИВИЛ на македонски, албански и англиски јазик.

Дехран Муратов