Прилепчаните Свеќанцоски сé уште без помош!

Семејството Свеќанцоски од Прилеп се надеваат дека државата, преку Министерството за транспорт и врски, сепак, ќе им додели еден од трите социјални станови во Прилеп, кои останаа нераспределени. Според Горан Свеќанцоски (45), татко на две малолетни деца кој речиси целиот живот е инвалид, решение за станбениот проблем, по пожарот во којшто во ноември минатата година, до темел изгорела бараката во која живееле 15 години, побарал од ресорот за социјална работа во Владата. Но, вработени во Владата им понудиле само стан во селото Ропотово, или на петти кат во зградите во населбата „Точила“ во Прилеп, каде се наоѓаат становите за социјално загрозените семејства

„Чудна е нашата приказна. Ние се соочивме со стравотен пожар во ноември, изгоре целосно бараката во која живеевме со години и сé што имавме заработено во текот на животот. Кога се јавивме во Центарот за социјална работа во Прилеп, за да добиеме социјален стан, огласот веќе беше завршен. Но, директорката Снежана Јованоска, која тогаш беше социјален работник, имајќи ја предвид мојата тешка состојба, ми препорача да аплицирам директно во Министерството за транспорт и врски. Оттаму, ми дадоа навистина несоодветни предлози, стан во селото Ропотово или во замена на петти кат во социјалните згради во Прилеп. Како да прифатам, кога се движам со количка, а и мојата сопруга е инвалид!“, реагира Свеќанцоски.

Од Министерството за транспорт и врски денеска побаравме одговор, за случајот на Свеќанцоски, но, од Одделот за односи со јавност не одговорија на нашите телефонски повици и СМС пораки.

Во меѓувреме, ова четиричлено семејство, како што вчера објави граѓанскиот новинар на ЦИВИЛ Медиа, живее под кирија во куќа во Прилеп, речиси една година. Средствата што ги добиваат не им се доволни за да изградат нов дом, на земјиштето каде што се наоѓаше старата барака.

„Редовно ги добиваме надоместоците за мене и за сопругата, како телесни инвалиди, и додатокот за нашите малолени деца. Вкупно, нашите примања се околу 16.000 денари. Од нив, сега редовно оддвојуваме по 5.000 денари само за кирија, а со другите пари, едвај се обидуваме да ги покриеме месечните трошоци за храна, пари за облека, за школување на децата... Едноставно, немаме“, додава таткото Свеќанцоски.

Од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, истакнуваат дека семејството ги добива сите надоместоци, согласно со законските регулативи.

Но, што натаму? Како сега ќе живее семејството Свеќанцоски, кога пред нив е зимата и кога им се потребни поголеми суми само за да набават огрев. Нивните надежи се свртени кон државата.  Иако во безизлез, овие луѓе се надеваат дека нема да бидат оставени сами на себе и следната година, зашто велат, немаат веќе сили да се справуваат со тешката судбина.

Инаку, распределбата на 76-те социјални станови во населбата „Точила“ во Прилеп, предизвика низа реакции кај прилепчани. Неколку семејства - социјални случаи, симпатизери или членови и на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинија дека распределбата е извршена строго според партиски и пријателски клуч. Тврдат дека становите се распределени на семејства коишто се во далеку подобра материјална и здравствена состојба од семејствата кои аплицирале, а не се најдоа на листата конечни корисници. Имаше и бројни случаи кои реагираат затоа што, биле избришани од прелиминарната листа. Самохрани мајки, инвалидизирани лица, семејства со тешка социјална состојба..., не добија станови, а на нивно место, моментални корисници на становите се граѓани кои се во многу подобра здравствена кондиција и кои се способни сами да заработат и да ги платат трошоците за живот. Реакциите и обвинувањата за распределба на социјалните станови по партиски клуч не стивнуваат, иако семејствата веќе се вселени во овие станови во Прилеп.

Моника Талеска