ЦИВИЛ повикува на максимално почитување на правото на глас и мерките за заштита од коронавирусот

Во пресрет на предвремените парламентарни избори на 15 јули, ЦИВИЛ ги повикува сите учесници во изборниот процес максимално да ги почитуваат добрите изборни практики, демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и безбедни избори.

Правото на глас е неприкосновено човеково право и мора максимално да се почитува!

Бараме од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита од коронавирусот, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулации.

Бараме од партиите, но и од родителите да ги почитуваат правата на децата и да ги остават надвор од политиката! Децата и малолетниците никако не смее да се злоупотребуваат за политички цели и не смее да се вклучуваат во кампањите на политичките партии! За секоја злоупотреба на децата, бараме соодветна законска реакција од институциите и ја повикуваме јавноста остро да ја осуди и отфрли злоупотребата на децата и малолетниците.

Секој обид да се наруши изборниот молк и кршењето на законите и стандардите поврзани со изборниот процес, мора веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Не смее да има толеранција за каков и да е притисок, закана или корупција и купување гласови.

ЦИВИЛ ја повикува и ја охрабрува Државната изборна комисија максимално да ги искористи сите свои законски ингеренции и да спроведе законит, слободен, фер и безбеден изборен процес. Ингеренциите на ДИК се високи и таа се наоѓа на врвот на изборниот процес. ДИК не мора да чека приговори и жалби, туку може да дејствува, по допрен глас и според сопствени наоди и мислење. Очекуваме на овие избори тоа и да го стори.

ЦИВИЛ ги повикува членовите на избирачките одбори строго да се придржуваат до мерките за заштита од коронавирусот, а тоа да го бараат и од гласачите, набљудувачите и медиумските екипи. Од избирачките одбори се очекува да покажат одговорност и да ги почитуваат процедурите и Изборниот законик, да бидат љубезни, професионални и достоинствени во спроведувањето на своите задачи на изборниот ден. Ги охрабруваме да не подлегнуваат на евентуалните притисоци и коруптивно делување на одредени партиски структури. За секоја информација која им е потребна, треба да се јават на Општинската изборна комисија или на Државната изборна комисија. Секој обид за притисок врз нив да го пријават во полиција, но и ЦИВИЛ стои на располагање за пријавување на таквите случаи. Воедно, се очекува од сите членови на избирачките одбори да ги почитуваат интегритетот и работата на набљудувачите и на новинарските екипи и под никакви услови да не ги попречуваат во нивната работа.

Ги повикуваме граѓанките и граѓаните да гласаат слободно, според сопственото убедување. Никому не должат ништо. Сè што им ветуваат партиите и кандидатите на било кои избори, всушност, им припаѓа ним, според Уставот и законите на Република Северна Македонија.

Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани кои нема да се најдат на Избирачкиот список, тоа да го пријават кај надлежните, но и во ЦИВИЛ. Доволно е да ни достават име, презиме и адреса на живеење.

Ги повикуваме медиумите да бидат непристрасни и професионални. Новинарките и новинарите во овој период имаат голема општествена одговорност. Ги охрабруваме да бидат на висина на својата задача и да манифестираат максимална професионална и морална одговорност.

Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности од секаков вид. Притисоци, закани, уцени, корупција, поткуп, злоупотреба на јавните ресурси или службената положба, кршење на изборниот молк, незаконито работење на изборната администрација, агитација и пропаганда, говор на омраза, лажни вести, проблеми со Избирачкиот список, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.

Пријавите може да поднесуваат деноноќно, на веб страницата Слободни избори, по електронска пошта ([email protected]), во порака на Фејсбук или на телефон 02 / 5209 176.

This post is also available in: English

Leave a reply