ЈСП бесплатно ја вози пропагандата на ВМРО - ДПМНЕ!

Додека траеја протестите на поддржувачите на ВМРО – ДПМНЕ во Скопје против како што велат „двојазичноста и редефинирање на државата“, во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие била пуштена емисија на Радио слободна Македонија каде што водителот, Александар Станковски, кој истовремено е и еден од најгласните поддржувачи на власта, зборувал за расцепување на државата, за агресија од Косово, и за наводно смислен сценарио на странците...?!

Граѓанскиот новинар кој сака да остане анонимен, вчера испрати снимка од дел од говорот на радио - емисијата која била пуштена во автобусот со реден број 53 кој вози до Катлановска бања и кој важи за една од линиите во која се возат граѓан(к)и од сите етнички заедници.

„Го прашав возачот на автобусот зошто пушти таква радио емисија каде што се шири националистичка пропаганда? Возачот не одговори ништо, само молчеше“, вели анонимниот новинар.

Тој додава дека имаше коментари од граѓан(к)ите дека возачите на ЈСП со пуштање на такви националистички пропагандни емисии, на некој начин се директни поттикнувачи на меѓуетнички инциденти помеѓу младите во автобусите.

Иронијата да е уште поголема, додека траеше пропагандната радио емисијата за тоа колку Македонците треба да си ја сакаат и бранат државата од некакви странски влијанија кои сакаат да ја расцепат и да воведат двојазичност, на сигналната табла во автобусот постојано се движеше текст на македонски и албански јазик.

Пред една недела на Курир имаше текст дека и ЈСП – Скопје ја поддржува граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ која се залага за „зачувување на унитарноста и сувереноста на државата“.

This post is also available in: AlbanianEnglish