ЦИВИЛ: Избори час поскоро, се зголемува говорот на омраза и лажните вести, расте меѓуетничката омраза…

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала на денешната прес конференција истакна дека избори треба да се одржат час поскоро, односно краен датум за одржување на изборите да биде 5 јули, за како што рече да имаме функционални институции кои ќе може да се справат со здравствено-економската ситуација.

ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ НА ЦИВИЛ

Во рамките на изборното набљудување, ЦИВИЛ спроведува мониторинг на политичките партии, институциите, изборната администрација и медиумите.

ЦИВИЛ на теренот ќе истрча со околу 300 набљудувачи на денот на гласањето, а веќе подолг временски период, во функција се околу 20 долгорочни набљудувачи. Во моментов трае повик за краткорочни набљудувачи, а на апликациите се одговара најбрзо што може, со оглед на големиот интерес.

Почитувањето на правото на глас на граѓанките и граѓаните е приоритет за ЦИВИЛ. Во фокусот на мониторингот на ЦИВИЛ е и политичкото финансирање и политичката корупција, како и лажните вести, говорот на омразата и црната пропаганда.

Од големо значење за мониторингот на ЦИВИЛ воопшто, па така и за изборниот мониторинг, се пријавите кои доаѓаат од граѓанките и граѓаните од целата земја. Изобилството од обраќања до организацијата е само уште еден показател за тоа дека Организацијата ужива голема доверба кај луѓето.

ДАТУМ ЗА ИЗБОРИ

Уште пред да се изјаснат политичките партии, ЦИВИЛ изгради став дека предвремените парламентарни избори треба да се одржат час поскоро. Датум за избори е 5 јули. Државата не може да си дозволи понатамошни одложувања.

Препораките на ЦИВИЛ беа дека треба да се одржат уште во декември минатата година, кога веќе се договорија предвремени избори, а во периодот на здравствената криза со коронавирусот, препораката на ЦИВИЛ беше изборите да се одржат на 21 јуни. Откако беше пропуштен и тој датум, наш став е дека нема друг датум освен 5 јули за одржување на изборите.

ЦИВИЛ тоа го соопшти повеќе пати во текот на изминатите денови, а соопштение со најнов датум пред оваа прес конференција е на 12 јули кога го соопштивме овој став. И денеска го истакнуваме овој став и ги повикуваме сите политички партии и институции одговорно и совесно да го довршат изборниот процес, за доброто на целото општество.

ИЗЛЕЗНОСТ

Излезноста е важна. Доколку граѓанките и граѓаните сакаат да имаат стабилни институции во претстојниот период исполнет со тешки предизвици, треба да го искористат своето право на глас и да учествуваат во креирањето на својата иднина. Колку е поголема излезноста, толку поголема ќе биде одговорноста на институциите и политичките партии во следниот мандат.

БЕЗБЕДНО ГЛАСАЊЕ

Безбедност при гласањето – не е ризично да се гласа, ако се придржуваме кон едноставните упатства за заштита од коронавирусот. Ризично е ако не добиеме влада и институции со полн капацитет. Отсуството на парламент и влада со целосен капацитет ќе доведе до уште посериозни последици од ширењето на коронавирусот.

ПОЛИЦИЈА

Во поглед на мониторингот на работата на институциите, како и секогаш, ЦИВИЛ посветува посебно внимание на полицијата, односно Министерството за внатрешни работи. Тоа е дел и од активностите кои се наведени и во нашите меморандуми за комуникација и соработка со МВР, потпишани во 2009 и во 2018 година.

За работата на полицијата, можеме да кажеме дека има две главни поткатегории на наоди од мониторингот на ЦИВИЛ за полицијата и тоа: Злоупотреби и/или пречекорување на овластувањата и непостапување на полицијата.

Злоупотреби и/или пречекорување на овластувањата на полициските службеници, се бележат во шест целосно обработени случаи, а забележани уште десетина други. Така, во дел од случаите во оваа поткатегорија, ја гледаме полицијата како употребува несразмерна, односно прекумерна сила.

Непостапувањето на полицијата е документирано со видео и фотографски во повеќе од 30 случаи, како од мониторингот на ЦИВИЛ, така и од граѓанските новинарки и новинари, но и на социјалните мрежи, каде што корисниците ги објавуваат ситуациите во кои полицијата или ја нема или не постапува за да ги заштити граѓанките и граѓаните од ширењето на коронавирусот. Во еден дел од случаите, се работи за селективно постапување на полицијата што, пак, доведе до реакции во јавноста и на социјалните мрежи кои водат кон меѓуетничка и меѓуверска нетрпеливост.

Извештаи за полицијата се среќаваат и во категоријата на злоупотреба на јавните ресурси, во повеќе случаи чија обработка е во тек, а завршена е во три случаи.

Случаите „Теретана“ и „Кафана“ се посебна приказна и не се дел од овој преглед, но секако ќе бидат дел од финалната анализа на ЦИВИЛ што ќе произлезе од изборниот мониторинг.

ПРЖИНСКА ВЛАДА Е НЕЕФИКАСЕН МОДЕЛ

ЦИВИЛ спроведе и мониторинг на функционирањето на институциите на национално ниво. Еден од прелиминарните заклучоци од досегашниот мониторинг е дека тн. пржинската влада е неефикасен модел на управување кој треба итно да се надмине.

Очекуваме лажните вести и говорот на омразата да се засилуваат. Цивил подолго време спроведува мониторинг на хиридните закани против демократијата, а во таа смисла и ширењето на лажните вести и говорот на омразата, често може да се доведат во врска со глобалните и регионалните трендови, но се често употребувано оружје на националистичките и радикалните политички структури во земјата за локална употреба за постигнување политички поени.

МЕЃУВЕРСКИ И МЕЃУЕТНИЧКИ ТЕНЗИИ

ЦИВИЛ бележи пораст на случаите во кои јавно се манифестира меѓуверска омраза, со отворени повици за насилство, поточно „света војна“. На верски мотивираните собири, било да се од обреден карактер, било да беа протестни собири, се бележи грубо непочитување на мерките за заштита од коронавирусот, како и непостапување на полицијата.

Верските лидери потфрлија во овој период. Нивното однесување и пораките во јавноста придонесе кон влошување на состојбите и во поглед на заштитата од ширењето на коронавирусот и во поглед на меѓуверските и меѓуетничките односи. Верските лидери се мешаат во политиката, што е недозволиво, а во предизборниот период таквото мешање може да предизвика огромна штета на политичките и демократските процеси во земјата.

Во поглед на меѓуетничките односи, бележиме пораст на говорот на омразата на етничка основа. Имаме јасни индикации дека дел од политичките партии и медиумите што се под нивна контрола, спроведуваат систематска кампања со потпалувачки говор и со поттикнување на меѓуетничката нетрпеливост и омраза.

ИНФОДЕМИЈА

Врз основа на стотици регистрирани случаи во мониторингот на ЦИВИЛ, се констатира дека македонското општество се соочува со тешки последици од инфодемијата, лажните вести и говорот на омразата кои произлегуваат од деструктивната кампања на одредени центри на моќта во земјава и во светот.

 ГОВОР НА ОМРАЗАТА

ЦИВИЛ најостро го осудува говорот на омразата и изразува солидарност со сите жртви на говорот на омразата. Истовремено, ЦИВИЛ бара од институциите да постапат соодветно и според законските обврски, да не дозволат ваквиот говор на омразата да остане несанкциониран. Лажните вести и говорот на омразата мора да се осудат, обесхрабрат и санкционираат.

На новинарско прашање дали може да се спроведат избори со ваков избирачки список, Дерала нагласи дека секогаш има(ше) проблем со избирачкиот список, меѓутоа во овој момент институциите работат и до денот на избори ќе имаме прочистен избирачки список.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ