Фејсбук мрежа за ширење на говор на омраза и лаги

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ во изминатиов период следи и архивира говор на омраза и разобличува лажни вести и дезинформации, дел од информациите ги објавува на својата медиумска платформа.

Она што тимот го забележува во изминатиот месец е дека одредени страници на Фејсбук промовираат политички пораки: „Бојкот“ и „Никогаш Северна Само Македонија“. Во своите објави шират навреди, нетрпеливост, закани и говор на омраза, а со своите објави ги поттикнуваат луѓето кои ги следат да коментираат со говор на омраза и да ги дистрибуираат тие содржини понатаму, низ социјалните мрежи.

Идентификувани во таа група се страниците: „Секула Војвода Фан Клуб“, „Види Види“, „Слобода или Смрт“, и веќе непостоечката „Налет да се сторите“.

По исчезнувањето на „Налет да се строрите“ во само еден ден се појавија (на 10 јули 2020) три нови страници „Баба Лажи Трап Не Лажи“, „Македонија на Македонците“ и „Цицки.мк“. Новите страници се со истиот тон на „Налет да се строите“, односно како да се триплирала.

Интересен податок за веќе избришената страницата „Налет да се сторите“ е дека админи беа 2 лица од Македонија, но и од 2 лица од Сирија!

Во оваа група влегува и Фејсбук страницата „Кукузел“ која за неколку дена започнале да ја следат речиси 3.000 лица. Оваа Фејсбук страница шири ноторни лаги и говор на омразата веќе подолго време. Своевремено, ЦИВИЛ постави прашање до МВР и ОЈО за тоа дали се води истрага за оваа веб страница. Официјален одговор сѐ уште нема.

Една содржина може да се забележи дека се дистрибуира во сите наведени Фејсбук страници,без разлика кој е прв ќе ја објави содржината, потоа останатите страници ја споделуваат.

Колку за илустрација ќе го наведеме примерот со пејачката Дуа Липа, прво беше објавено на ФБ страницата Цицки.мк и веднаш потоа се сподели на останатите ФБ страници.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ забележува и дека одредени Фејсбук страници се малку поумешни па „не оставаат трага“ за споделување, односно го копираат изворниот линк и го објавуваат како „свое“.

ЦИВИЛ често реагира со повици до јавноста и до институциите, па така во нивните соопштенија и јавни настапи, често го споделуваат ставот:

„Институциите имаат законска обврска да ги откриваат и да ги санкционираат овие противзаконски дејствија. Според законските ингеренции, тие не мора ни да чекаат на пријава, туку можат, а и обврзани се, да дејствуваат врз основа на сопствени истраги и „по допрен глас“ во заштита на јавниот интерес, демократијата и законитоста.“

Мониторингот на ЦИВИЛ констатира дека институциите не покажуваат некоја особена активност во оваа сфера.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ