За една недела партиите ја „збогатија“ кампањата со по 181 ново видео и реклама на Фејсбук

Нови 181 видео и 181 спонзорирана содржина на социјалната мрежа Фејсбук платија партиите во минатите седум дена предизборна кампања, поточно од минатиот понеделник до недела на полноќ, утврди мониторингот на ЦИВИЛ на финансирањето на предизборната кампања. Тимот на ЦИВИЛ во периодот од 29 јуни до 5 јули регистрираше вкупно 383 настани и активности за кои партиите потрошиле пари во или вон рамките на платеното политичко рекламирање.

Најчести, како и во првиот период на кампањата, се спонзорираните содржини на Фејсбук и видео спотовите. Следат активностите како што е дистрибуцијата на партиски промотивни материјали, на јавни настапи, но и по домови, минатава недела забележани во 33 случаи, а дури по нив, само во 31 случај минатава недела, се митинзите или други јавни собири на партиите.

Како нарачател на платените содржини или организатор на јавен собир во 138 случаи е регистрирана партијата СДСМ, веднаш по неа, во 131 случај, е ВМРО-ДПМНЕ, трета со 25 регистрирани платени активности е Алијанса за Албанците.

Бројни се активностите во категоријата на содржини и активности од непознат нарачател, по правило против некоја политичка партија. Од 23 содржини на кампањата за кои не се знае кој ги платил, 20 биле насочени против СДСМ, две биле наменети да ја оцрнат ВМРО-ДПМНЕ, а една против сите партии и политичари, но со слоган на ВМРО-ДПМНЕ.

Минатата недела мониторингот забележа 13 видео-спотови продуцирани да оцрнат политичка партија, или спотови за „црна кампања“ против партија. Седум биле нарачани од ВМРО-ДПМНЕ, нарачател на четири бил СДСМ, а два, по еден против секоја од претходните партии, биле со непознат нарачател.

Црна кампања

Во текот на минатата недела, за разлика од периодот на почетокот на кампањата, не беа забележани наводи за поткуп на гласачи. Затоа, пак, мониторинг тимот забележа спонзорирани содржини за инфраструктурни проекти, што би можеле да бидат спротивни на Изборниот законик и на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Имено, мониторингот на 2 јули регистрирал дека Теута Арифи на Фејсбук објавува спонзорирана објава со информација за почеток на општински проект за реконструкција на основно училиште во Мала Речица. Следниот ден, мониторингот регистрираше дека Фејсбук-страницата на градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски објавува спонзориран пост со промотивно видео за инфраструктурните проекти во општината.

Државната комисија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (ДКСК) пред почетокот на кампањата во два наврати потсети за законските ограничувања на активностите во изборниот период:

„Не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година“.

Мониторингот регистрираше два случаи кога политички митинзи се организираат во училишни објекти – собири организирани од Алијанса во селата Желино и Челопек. Тимот забележа неколку партиски транспаренти поставени вон законски пропишаните норми, но и неколку случаи на „снаодливост“ на партиите за да постигнат поголема видливост.

На пример, предизборни плакати на кандидатката на СДСМ, Фаница Николовска, залепени на дрвја и бандери низ поголем дел од Тетово, плакат од партијата Христијанско братство залепен на трансформатор во населбата Мал Париз, Битола, плакати од политичката партија Интегра на повеќе сообраќајни знаци низ Битола, плакат од политичката партија ВМРО-ДМПНЕ на автобуска постојка во село Бистрица во Битола…

Мониторинг тим на ЦИВИЛ

прочитајте и:

This post is also available in: English