Фејсбук страницата „цицки.мк“ го злоупотребува логото на ЦИВИЛ и шири говор на омразата и дезинформации

Очигледно, оваа Фејсбук страница е креирана за дискредитација на организацијата и со објавите да ги збуни граѓан(к)ите. Најчесто, на оваа страница се објавуваат ноторни лаги за членовите на ЦИВИЛ, како и за политичките противници на одредени политички партии и структури на моќта.

На 11 јули, оваа онлајн алатка за дистрибуција на црна пропаганда, објави видеомонтажа со Џабир Дерала претседателот на ЦИВИЛ, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, лидерот на Беса, Биљал Касами, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и активистот Петрит Сарачини, во која има музичка позадина „пет пари не давам“…

Оваа пропаганда продолжи и за време на изборниот молк, што претставува уште едно кршење на законот и добрите изборни практики. Админите на страницата, пред изборниот молк, (на 12 јули) повикаа на бојкот на изборите, објавувајќи статус на активистот Петрит Сарачини, кон кого користат говор на омраза нарекувајќи го „балист“.

На 12 јули, (ден пред изборниот молк) објавија статус посветен на дописничката на МИА од Брисел, Тања Милевска, која во изминатиот период е мета на говор на омраза и сексистички напади на социјалните мрежи. Админите на страницата за Милевска пишуваат: „Овие во логорите во нацистичка Германија ги викале “Kaрo” еврејските стражари кои биле пожестоки и од Германците… пази она изигрува стражар и пријавува кога некој не користи Северна, па не може помизерно…“ Авторот на оваа објава на Цицки.мк веројатно мисли на називот „капо“…

Истиот ден, админите објавија статус: „Македонија си пати од Северџаните кои не ја почитуваат волјата на Македонците“, нагласувајќи дека Референдумот за промена на името е неуспешен.

Потоа објавија фотомонтажа од статусот на Радмила Шекеринска дека нејзиниот противкандидат Игор Дурловски по трет пат не дојде да се соочат на дебата.

Админите не пропуштија да се продолжат со ширењето крајна омраза кон Ромите со серијата содржини за „теовел аменге“ со премиерот Оливер Спасовски и лидерот на СДСМ.

По завршување на изборите објавија фотографија од Јоханес Хан и Џорџ Сорос, со статус дека тие ја креираат политичката ситуација во државата.

На оваа Фејсбук страница е објавена и лажна вест со стара снимка дека група Албанци протестира(а)т пред ДИК поради падот на системот.

Админот на оваа страница го обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицксоски дека е виновен за неуспехот на партијата и дека треба „маженца да го тргнат од лидерското место, кои ги нема во партијата“.

„Мицкоски успеа за една година тоа што ниту еден лидер на ВМРО не успеа. Успеа да го направи Стево претседател и успеа да им овозможи на СДС да победат на избориве. Ферски е СДС биста да му изградат. Ова уште од Валандово се знаеше, и сега памтете, Мицко нема да се трга од ВМРО ич мува нема да го лази, зошто сега мора да одработи да не дојде патриот на чело на таа партија“.

Админите коментираат и дека ги боли тоа што гласаа за Мицкоски кој ги изневери и предаде.

Досега оваа страница објави 12 видеа, од кои 5 видеа се исечоци од Васко Ефтов.

Оваа Фејсбук страница е креирана откако во изминатиот период мониторинг тимот на ЦИВИЛ секојдневно детектира и архивира содржини со говор на омраза и разобличува лажни вести и дезинформации и дел од тие ги објавува на својата медумска платформа.

Говорот на омразата, лажните вести и дезинформациите во едно цивилизирано општество никако не смее да се толерира. Тие никому не носат ништо добро, напротив. Тие се за една употреба и служат само за дезинформирање на граѓаните. Граѓаните имаат право на точни информации, а не на шпекулации и дезинформации…

ЦИВИЛ ги повикува надлежните институции да се ангажираат максимално да го расчистат овој случај, бидејќи плагијат и злоупотреба на логото на организацијата, како и ширењето лажни вести, дезинформации и говор на омразата се забранети со закон.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ