ЦИВИЛ: Се засилува говорот на омраза, лажните вести и дезинформации, и злоупотреба на полицијата

РЕЗУЛТАТИ ОД МОНИТОРИНГОТ НА ЦИВИЛ

ПОЛИЦИЈА

Во поглед на мониторингот на работата на институциите, како и секогаш, ЦИВИЛ посветува посебно внимание на полицијата, односно Министерството за внатрешни работи. Тоа е дел и од активностите кои се наведени и во нашите меморандуми за комуникација и соработка со МВР, потпишани во 2009 и во 2018 година.

За работата на полицијата, можеме да кажеме дека има две главни поткатегории на наоди од мониторингот на ЦИВИЛ за полицијата и тоа: Злоупотреби и/или пречекорување на овластувањата и непостапување на полицијата.

Злоупотреби и/или пречекорување на овластувањата на полициските службеници, се бележат во шест целосно обработени случаи, а забележани уште десетина други. Така, во дел од случаите во оваа поткатегорија, ја гледаме полицијата како употребува несразмерна, односно прекумерна сила.

Непостапувањето на полицијата е документирано со видео и фотографски во повеќе од 30 случаи, како од мониторингот на ЦИВИЛ, така и од граѓанските новинарки и новинари, но и на социјалните мрежи, каде што корисниците ги објавуваат ситуациите во кои полицијата или ја нема или не постапува за да ги заштити граѓанките и граѓаните од ширењето на коронавирусот. Во еден дел од случаите, се работи за селективно постапување на полицијата што, пак, доведе до реакции во јавноста и на социјалните мрежи кои водат кон меѓуетничка и меѓуверска нетрпеливост.

Извештаи за полицијата се среќаваат и во категоријата на злоупотреба на јавните ресурси, во повеќе случаи чија обработка е во тек, а завршена е во три случаи.

Случаите „Теретана“ и „Кафана“ се посебна приказна и не се дел од овој преглед, но секако ќе бидат дел од финалната анализа на ЦИВИЛ што ќе произлезе од изборниот мониторинг.

МОНИТОРИНГ НА ИНСТИТУЦИИТЕ, ПРЖИНСКА ВЛАДА Е НЕЕФИКАСЕН МОДЕЛ

ЦИВИЛ спроведе и мониторинг на функционирањето на институциите на национално ниво. Еден од прелиминарните заклучоци од досегашниот мониторинг е дека тн. пржинската влада е неефикасен модел на управување кој треба итно да се надмине.

Очекуваме лажните вести и говорот на омразата да се засилуваат. Цивил подолго време спроведува мониторинг на хиридните закани против демократијата, а во таа смисла и ширењето на лажните вести и говорот на омразата, често може да се доведат во врска со глобалните и регионалните трендови, но се често употребувано оружје на националистичките и радикалните политички структури во земјата за локална употреба за постигнување политички поени.