Најчевска: Основниот заштитен механизам на граѓанскиот сектор е држењето до своите стандарди и принципи

Професорката Мирјана Најчевска на Конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста“ по повод 20 годишнината на ЦИВИЛ зборуваше за граѓанскиот сектор во изминатите 20 години, посочувајќи ја организацијата како значаен обединувачки фактор во граѓанското здружување.

„Она основното што се случи во изминатите 20 години е дека невладиниот сектор стана значајна компонента на општественото живеење за коешто мора секоја власт, секој којшто ќе дојде на власт, да води сметка.

Невладините организации дефинитивно поставуваат прашања, контролираат, бараат се спротивставуваат и нудат алтернативни решенија. Она што се појавува како клучен предизвик, на којшто најверојатно најтешко ќе биде да му се одолее е шармот на популизмот и оној начин на делување на политичките партии којшто дефинитивно е опречен, се спротивставува на сè она што е флексибилност и индивидуалност на граѓанското здружување.

Многу е голема опасноста политичките партии од алатка на невладиното организирање, на граѓанското организирање, алатка којашто граѓаните ја користат за достигнување на своите интереси и задоволување на своите потреби да се претвори во дизгина со којашто политичките партии ќе го насочуваат правецот на движење на невладините организации.

Граѓанскиот сектор мора да се развива и да се прилагодува. Тоа е несомнено. Она што не смее, не смее да се откаже од искористувањето на политичките партии во остварувањето на своите интереси, односно потребите и интересите на граѓаните коишто ги претставува.

Еден од основните заштитни механизми, во секој случај, е држењето до сопствените стандарди и принципи по секоја цена. Значи нема откажување од она што претставуваат стандарди и принципи на делување на граѓанското структурирање. Потребна е многу поголема соработка, меѓу самите организации и градење на институционална меморија. Да се престане со тоа да се почнува секогаш одново и одново од некоја нулта точка, туку цело време да се надоградува на она што претходно граѓанскиот сектор го направил и го постигнал.

ЦИВИЛ го перципирам како една од оние граѓански организации кои постојано се развиваат и се надградуваат. Не дека нема маани. Веројатно не очекувате дека јас не можам да им ги откријам маните. Меѓутоа, според мене, тие се профилираат како значаен фактор во подигањето на граѓанската свест. Како некој обединувачки фактор во граѓанското здружување и како организација, што за мене е посебно важно, која што успеа на некаков начин да акомодира во своето делување луѓе со многу широк дијапазон, различни по своите сфаќања, мислења, разбирања на општествените случувања. Инаку најверојатно на исто место јас и Сашо не би се појавиле никако. Заради тоа, според мене, добро е што ве имаме и ви посакувам натамошен напредок и развој“.

обработка на текст: М. Ивановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Александар Кондев

This post is also available in: English