Невладините на јавниот настан на ЦИВИЛ „Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?“

ЦИВИЛ денеска одржа јавен настан на тема „Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?“

Говорниците, претставници на граѓански организации на панел дискусијата зборуваа за јавната перцепцијата за граѓанските организации, каков е нивниот удел во политичките и општествените процеси, дали граѓаните ги доживуваат како „фолиранти“ или „прогресивци“, колку се транспарентни во нивната работа и низа други прашања што се однесуваат на улогата и придонесот на граѓанските организации во политички и општествен контекст.

Настанот го модерираше Зоран Иванов, а учесници на панелот беа Валентина Дисоска,  претседателка на Здружение на бизнис жени извршниот директор на МЦМС, Александар Кржаловски, Џабир Дерала од ЦИВИЛ, м-р Милан Петковски, претседател на Македонско здружение за заштита при работа, Ненад Јовановиќ, граѓански активист и колумнист на Слободен печат, Стевче Дечев, граѓански активист, Менде Трајковски од Совет на пчеларско здружение Македонија, и Александар Николиќ Писарев.

„Пред да одам со следните слајдови, морам да предупредам дека ќе видите говор на омраза и вулгарности. Би сакал да споделам дека ова што ќе го видите сега во голема мерка го отсликува она што го следиме на социјални мрежи години наназад. Имаше и многу позитивни ставови и оценки и им благодарам на тоа. Негативните коментари можете да забележите дел од луѓето кои ги споделуваат предрасудите и стереотипите за тоа како и што претставува НВО, но мора да се каже дека еден дел од нив споделуваат критики кои како што велат „држат вода“, истакна претседателот на ЦИВИЛ,  Џабир Дерала на панел дискусијата „Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?“

Џабир Дерала на панел дискусијата „Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?“

На прашањето „ Што мислите за невладините организации? Дали невладините се „фолиранти“ или „прогресивци?“, имаше околу 40-50 коментари, посочи Дерала, по што следеше пауер поинт презентација од одговорите на онлајн анкетата на ЦИВИЛ.

„Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?. Најчесто погрешна бидејќи е сфатена од погрешна гледна точка! Улогата на Граѓанските организации е да бидат коректор на владата и да ги носат на прав пат општествено – политичките процеси и никако не треба да е водена од идејата да влезе во влада, тоа дефинитивно е погрешно поставен граѓански сектор!“, изјави  Валентина Дисоска, претседателка на Здружение на бизнис жени.

„Каков е нивниот удел во политичките и општествените процеси, дали граѓаните ги доживуваат како „фолиранти“ или „прогресивци“.

Валентина Дисоска, претседателка на Здружение на бизнис жени

„Извинете, мојот бекграунд  е претприемачки, јас доаѓам пред се од приватниот сектор и ова прашање во приватниот сектор не може да се постави. Зошто? Затоа што во приватниот сектор не може да се просперира со фолирантство, таму веднаш се познава кој знае да ја заврши својата работа а кој е фолирант. И во приватниот сектор има прогресивци, тоа се тие кои не носат напред во развојот, и тука исто така нема многу можности за манипулација , зошто? Затоа што ако продуктот не е добар нема да помине на пазарот и тука одлучува купувачот кој што е сурово искрен.

Извинете, ама епитетот фолиранти не е даден напразно, велат таму каде што има чад мора да има и оган. Дали вие овде знаете, познавате, сте се сретнале со организации и поединци кои се фолираат во невладиниот сектор и притоа ве ставиле во незгодна ситуација затоа што биле фолиранти? Мене ми се случило, сме имале партнерска организација фолирантска, во која за да не се случи фијаско сме морале да ги одработиме и нивните активности, па дури и извештајот да им го напишеме, и сето тоа зошто? За да не ни пропадне проектот. Што е најтрагично фолирантите сеуште фолираат и постојат, секако мене веќе нема никогаш да ми бидат партнери, но секако ќе најдат други на кои лажно ќе им се претстават.

И сега сакам да говорам уште за нешто, за професионалноста, препознатливоста, градењето имиџ, бренд од организацијата, градењето на капацитетот на кадарот кој работи во организациите! Секоја чест на организациите кои нудат бесплатна едукација на кадарот во невладин сектор, тоа и ние многу често го правиме, но, јас сметам дека тоа е многу погрешен пристап! Секое знаење треба да се плати, секоја обука треба да биде по пазарни цени, затоа што само тогаш оние кои што присуствуваат на обуки, тренинзи ќе бидат сериозни во својата доедукација. Знаењето чини, и е тотално погрешен пристапот на бесплатна едукација, која пак не е ниту сертифицирана, ниту пак има проверка на знаењето!

Ова последното е страшно, погрешно или половично едуциран кадар прави поголема штета отколку добро!

И на крај да завршам, моите 5 минути ќе привршат, ќе прашам, колку од организациите овде имаат точно определени мисија, визија, цели на организацијата кои се стриктно определени, со одредена кауза, за која се залагаат?“, додаде меѓу другото Дисоска.

„Додека партиите разединуваа, граѓанските организации обединуваа. Само човек што никогаш не учествувал во хуманитарни активности, што не волонтирал може да споделува говори на омраза кон граѓанскиот сектор. Да не беше тој граѓански сектор се уште низа села ќе немаа вода или се уште во Велес, Топилницата ќе беше загадувач или низа млади немаше да имаме можност да излеземе од државава и да бидеме дел од низа едукативни настани“, изјави Стевче Дечeв, од Фондација Импакт Нет, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?“.

„Бев 11 години кога му се јавив на Градоначалникот на Велес, како дете конзул на Детската Амбасада за да ни обезбеди автобус за да присуствуваме со низа деца на хуманитарен настан во Скопје. Успеавме и за автобусот но и да формираме можности за низа деца и млади.

Стевче Дечeв, Фондација Импакт Нет

Моето обраќање ќе го започнам со изјава од Мишел Мартели која има изјавено: Кога влегов, Хаити веќе не беше управувано од властите на Хаити. Управувањето претежно беше водено од невладини организации и нивните волонтери кои помагаа насекаде, веднаш по ураганот во 2016г. кој ја имаше уништено оваа островска држава и кој имаше оставено повеќе од милион и пол луѓе без храна и дом.

Поделбата на Југославија, братството и единството кое заврши со крв до коленици пред се водено од без суштинските војни на просторите на државата која веќе ја немаше. Војни кои беа водени од довчерашни партиски соборци, а во 1992г. веќе беа лидери на завојувани страни“, вели Дечев.

„Треба континуирано да афирмираме граѓанското општество да биде општество за сите, отколку да биде граѓанско општество кој многумина го перципираат како одделни кружоци кои егзистираат сами за себе“, истакна м-р Милан Петковски, претседател на Македонско здружение за заштита при работа, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?“.

м-р Милан Петковски, претседател на Македонско здружение за заштита при работа

„Граѓанскиот сектор е оној кој ги вади на површина работите каде што потфрла државата и создава сиви зони и се обидува да помогне да се реши проблемот…

Граѓанскиот сектор е потребен, бидејќи таму се собира интелигенцијата во општеството, но често пати поради лукративни причини граѓанскиот сектор влегува во погрешни врати да спроведува политика“ додаде тој.

„Јас не би зборувал многу академски за тоа што е граѓанскиот сектор и кои се неговите функции и улоги во општеството, затоа што за тоа има обемна литература. Јас би сакал накратко да кажам колку може граѓанскиот сектор да влијае на промените од лично искуство и од искуството на организацијата која постои веќе 20 години, низ пример од каде тргнавме од еден реален проблем на граѓаните на Македонија а тоа е функционирање на месна самоуправа во рамките на оние промени, како еден од многу важните сегменти на локалната самоуправа, истакна Александар Николиќ Писарев на панел дискусијата.

Александар Николиќ Писарев

„Конкретниот проблем за кој сакам да зборувам, е велешкото село Башино. Изгледа малце морбиден, но кога работевме на територија на цела Македонија, и сакам да кажам дека тој проект беше награден како најдобар во период 2017-2018. Кога се сретнавме на терен со луѓето, видовме всушност во каков хаос се наоѓа месната самоуправа во РМ и после 20 и нешто години луѓето беа многу среќи дека некој го отворил проблемот.

Ние сме невладина и непрофитна организација, на доброволна основа се со цел да помогнеме во опстојувањето и развојот на пчеларството. А пчелата, мислам дека сите треба да знаат колку ние важна во самото опстојување на растителниот и животинскиот свет, како и во консумирањето на здрава храна“, истакна Менде Трајковски, Совет на пчеларско здружение Македонија.

Менде Трајковски, Совет на пчеларско здружение Македонија

„Ние токму во тој правец постоиме, работиме, лобираме, застапуваме како организација. Но, не можам да се пофалам дека секогаш наидуваме на отворени врати во соодветните институции. Но ние никогаш не се откажуваме, ние сме активни и работливи, веројатно имаме примено од пчелите, а тие никогаш не се откажуваат, па нема ни ние.

Ние како сојузи на пчеларски здруженија, на ниво на Балкан комуницираме, контактираме. На тоа поле голема битка биеме за да се избориме за оној мед со сомнителен квалитет, кој го има на цел Балкан и кај нас“, посочи Трајковски.

„Она што го слушнав на почетокот ми претставува типично и веќе слушнато. Во коментарите на почетокот кој ги покажа Џабир, се работи во коментарите за купишта предрасуди кои виреат околу невладините организации. Сите се погрешни, табуизирани, се стереотипизирани, и ми се чини и во голема мера тоа доаѓа и од самите локални самоуправи и доаѓа од традиција дека невладините организации се некои сомнителни организации кои перат пари. Тоа е најлесната дефиниција да се фрли за граѓанското општество, и дека тоа се слуги на империјалниот капитализам, истакна меѓу другото Ненад Јовановиќ, граѓански активист на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?“

Ненад Јовановиќ, граѓански активист

„Перцепцијата како нè гледаат граѓаните, МЦМС околу 20 години го следи ова прашање и да бидам искрен не се смени многу мислењето. Поделбата е поделена на три третини, една третина мислат дека сме ОК и дека сме добри, главниот стереотип е дека невладините се пералница на пари и за жал ние 20 години им објаснуваме – можете ли да нè обвините дека сме корумпирани, дека крадеме… ама не може за пералница на пари да нè обвинувате, бидејќи парите стигнуваат од легални извори во легални сметки. МЦМС 15 години нема во кеш исплатено, еве на ЦИВИЛ ги гледаме донаторите кои се, може да се кликне на тие веб страници и да се види кои се донаторите, така што не може да бидеме пералница на пари. За жал како невладини организации не успеавме да го срушиме овој стереотип“, истакна Александар Кржаловски, извршниот директор на МЦМС, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?“.

Александар Кржалоски, МЦМС

„Точно е дека релативно голем број на фондови пристигаат во нашата држава, гласвно се од странски извори во споредба со други држави, на пример Словенија никогаш немала странски донации.

Кај нас за жал или за среќа многу средства стигнуваа од странски држави, и ден денес е така, и бидејќи се уште не преговараме за Европската унија и тоа го зајакнува стереотипот за „странски шпиони“.

Буџетите на сите невладини заедно се од прилика од 90 до 130 милиони годишно во Македонија. Тоа е сконцентрирано до околу 300, 400, 500 организации кои имаат над 2.5 илјади евра приходи кои така ги пријавуваат, ама голем број од граѓански организации околу 6.5 ијлади со се тие неизбришаните од претходниот закон, вкупно 15 илјади немаат средства, не располагаат со големи пари, односно функционираат на принцип на членарини и слично“, вели Кржаловски.

Настанот е дел програмата на ЦИВИКА Мобилитас.