„Бојкотирачите“ на пописот се закануваат со кучиња, институциите да регираат

На социјалната мрежа Твитер се шири закана дека попишувачите кои ќе одат по куќите да го спроведат пописот, наместо од домаќините, ќе бидат пречекани од нивните агресивни кучиња.

„Кога ќе ве пречека шарпланинецот караман у двор ќе влезете утре сабајле кај мене. Бојкотирам попис“, гласи објавата на твитер профилот Наташа од Македон.

Истата закана ја сподели портпаролката на Левица, Јована Мојсоска, која инаку пред да стане политички активна, во јавноста била позната како активист за заштита на кучињата (животните).

Фотографија од архивата на ЦИВИЛ / 29.02.2016

Сега активистите на Левица се закануваат со кучињата дека ќе ги користат за касање на попишувачи. Чудни некои љубители на животни.

И твитер профилот Мариовец се заканува дека ќе го пушти кучето да гo „пречека“ попишувачот: „Многу сакам да му ја видам фацата на попишувачот кога ќе дојде да ме попишува и ќе треба да се запознае со караман мој“.

ЦИВИЛ ги повикува инстутициите сериозно да ги земат во предвид ваквите закани и да спречат било какви инциденти, бидејќи очигледно не се бираат средства како да се спречи пописот. Дури и кучињата (според најавите) ќе се (зло)употребат за спречување на статистичката операција - попис. Ваквите (закани) методи на делување не му прилегаат на едно демократско општество!

Од Владата истакнаа дека повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело според член 387 на Кривичен законик.

Во Член 387 од КЗ пишува:

(1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.

Пописот треба да почне следниот четврток, на 1 април и да трае до 21 април.

Дехран Муратов