Од ВМРО-ДПМНЕ велат измислица е дека член на обезбедувањето на Мицкоски е осуден за силување

На социјалната мрежа Твитер објавени се неколку фотографии, со обвинение за наводно силување на странски државјанки од член на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Имено, како сторител на делото се наведува извесен Влатко Илиевски од Делчево, обезбедување на Мицкоски.

На Твитер е објавена вест која беше објавена во некој македонски весник за случајот со силување на девојките од 17 годишниот В.И. од Делчево, но освен датумот дека се случило на 28 октомври, според објавата, не може да се види која година се случило, ниту во кој весник е објавено.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски за ЦИВИЛ Медиа изјави дека тоа што е објавено на Твитер не е вистина и дека е измислица.
„Се работи за измислици кои треба да го дефокусираат вниманието од пратеникот силувач, кој го крие власта“, изјави Арсовски.
Инаку, вчера пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски во Собраниската седница за дополнетиот предлог-закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, истакна дека меѓу пратениците има и народен избраник кој силувал жена, но не го кажа името на пратеникот.
Денес Милошоски не е достапен, а ниту од партијата не го објавуваат името на наводниот пратеник-силувач. Зошто?
Дехран Муратов