Коцевски: Очекувањата на граѓаните се едно, а можностите на Општината сосема друго

Очекувањата на граѓанките и граѓаните, особено од локалната власт секогаш се големи, потребата од решавање на нивните проблеми брзо и ефикасно е оправдано, но не секогаш наидуваат на спроведување на одговорни локални политики од општините каде живеат, а многу често не се ниту запознаени или не ги чувстуваат ефектите од работата на локалната самоуправа. Транспарентноста и одговорните политики, особено на локално ниво биле секогаш проблем, а граѓаните во најголем број од случаите, наидувале на затворена врата од локалната власт.

Со градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, разговаравме токму за очекувањата на велешани, можностите на Општината, транспарентноста и одговорноста, неговата лична, како градоначалник, но и на локалната самоуправа, како и за односот меѓу локалната и централаната власт во сроведување на предвидените и ветени локални реформи на локалните избори.

„Кога се даваат оценки за тоа кој што сработил треба да се имаат во предвид објективните околности. Општина Велес во овој мандат, трет по ред, ја наследив во многу лоша состојба со долгови од околу три милиони евра. Придружувајќи се на правилата за добро домаќинско, одговорно, отчетно, етичко управување со општината се одлучив да вратам голем дел од долговите. Како што велат Србите и Хрватите: нема и јаре и паре. Не може во исто време да се враќаат толку големи долгови  и да се прават толку големи капитални проекти. Значи тоа е единствената причина што не се чувствува дека во Велес се спроведуваат капитални проекти… Сега е друго време во споредба со претходниот период. По доаѓањето на оваа власт, по Шарената револуција граѓаните можат многу поотворено и покритички да ја оценуваат работата и на централната и на локалните власти. Нивните очекувања се многу големи, тие се нетрпеливи за да им се решат натрпаните проблеми, посебно од аспект на подобрување на квалитетот на живеење и можеби заради тоа е таков впечатокот. Мандатот трае 4 години и конечните оценки треба да се даваат сепак на крајот“, одговори Коцевски како коментар на изјава на еден граѓанин од Велес, во една од многу анкети на ЦИВИЛ Медиа, кој смета дека градоначалникот во своите претходни мандати направил многу повеќе, а сега општината ништо не направила  за граѓаните.

Коцевски го објасни и начинот на кој велешани се информираат за неговата и воопшто работата на Општина Велес, користејќи ги неговиот официјален профил на градоначалник и профилот на Општината на Фејсбук, како и веб страницата каде сите документи, настани, проекти се објавуваат. Исто така, Коцевски ја пофали соработката со граѓанскиот сектор  јавните дебати и расправи што заеднички ги организираат на разни теми и прашања.

„Општина Велес е една од општините за пример според транспарентноста во работењето… Работиме на план за интегритет на општината, тоа го нема никоја општина во државата и верувам дека во наредниот период уште подобро ќе ги поставиме работите за да биде отчетноста и транспарентноста на уште повисоко ниво од тоа што го имаме сега“, истакна Коцевски.

Градоначлникот отворено и одговорно потврди дека ниту бил ниту се нашол во ситуација да мора тој или општината да се извинуваат пред велешката јавност за било кој проект што го спровеле.

„Без пари не може да се очекува ништо, затоа што на вересија никој не гради. На вересија градеа претходните градоначалници и ги заборчија општините. Тоа не е решение. Мора да работиме чесно, транспарентно, да ги почитуваме законите, работењето да биде без корупција, а дали граѓаните ќе бидат задоволни или незадоволни тоа е нивно право да проценат. Важно е, во конкретниот случај за мене, дали јас сум направил максимум од можното. Јас одгооврно можам да кажам дека не сум злоупотребил ниту еден денар, дека умешно сум менаџирал со парите што ги има општината, а што тоа не е доволно не можам јас да бидам виновен затоа што тоа се можностите. Можеби и вие сакате да возите БМВ или мерцедес и да живеете во палата од 300 квадрати, но се задоволувате со поскромен автомобил и живеете во скромни услови. Едно се нашите желби и очекувањата на граѓаните, а сосема друго можностите“, појасни Коцевски одговарајќи на прашањето кои се очекувањата на велешани што општината колку и да сака не може да ги исполни, и од кои прични.

Коцевски, исто така изрази незадоволство од досегашниот однос меѓу локалната и централната власт, но се надева дека реформите во локалната самоуправа односно системската промена на законот за локална самоуправа од 1 јануари ќе им овозможи подобра стартна позиција на општините.

Биљана Јордановска

Камера: Дехран Муратов

Фотгорафија: Маја Ивнаовска

This post is also available in: English