Муслиу: Ние не сме претставници на граѓаните, ние сме заштиници на граѓанските интереси

Алберт Муслиу од невладината организација АДИ, на конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста“ зборуваше за предизвиците и перспективите на граѓанскиот сектор во Македонија.

„Ако некаде невладиниот сектор бил изворен, тоа е тука во Македонија. Ние сме се развивале во крајно непријателско опкружување. Немаше заинтересирани донатори. Не бевме како Хрватска или Босна, каде што големите меѓународни организации вработуваа луѓе, ги дресираа што е тоа цивилен сектор. Па по нивното заминување тие формираа организации.

Тука беше баш изворно. На почетокот, се сеќавам, тука беа група на заинтересирани луѓе кои не даваа ни пет пари за да бидат менаџирани од други и сакаа да направат нешто. Нашата прва активност во АДИ беше да ги охрабриме луѓето во таа далечна 1994 година. Мислам дека токму таа крајно непријателска околина се развивавме во искрени и изворни организации кои прв пат се покажаа 1999 година. Значи, со косовската криза, цивилниот сектор во Македонија покажа дека е рамен на институциите и дека може да им парира во вршењето на некои работи, коишто беа самостојно организирани.

Вториот предизвик беше 2001 година. Со една пријателска невладина организација од Тетово за прв пат воспоставивме контакт, во период кога во Македонија имаше само два извори на информирање. Беше МТВ и CNN и можете да замислите колку опречни беа информациите. Но, цивилниот сектор покажа дека е спремен за соработка на луѓе кои имаа ентузијазам.

Сега во овој период кога ние сме се институционализирале, па во организациите имаме многу професионалци, па добро ги вршиме работите, некогаш ми пречи што нема доволно задоволство во целиот процес. Невладиниот сектор треба да ви причинува малку и духовно задоволство. Затоа и постои. Ако сакате стрес одите во бизнис, ако сакате да крадете одете во политика, но во невладиниот сектор гледам луѓе кои сакаат да го работат тоа. Затоа не ретко кога одам во канцеларија палам светло и пуштам музика за да биде поопуштено, да не биде тоа техничка работа која ја работите само за да спремите извештај.

Секако дека Шарената револуција беше кулминацијата, каде што после еден подолг период за стигматизирање на таа антисоросоидна борба што ја прифати нашата тогашна влада, како дел од некакво глобално движење против цивилниот сектор.

Невладиниот сектор се профилира меѓу граѓаните како сектор на кој може да му се верува. Како сектор кој не е мотивиран од крајниот интерес кој го имаат политичките партии, па дури и во креирањето на закони. Невладините немаат некој мотив зад својата професионалност. Туку се трудат најдоброто да го покажат во интерес на некои идеали кои треба да ги движат. Можеби сум малку романтичен, можеби идеализирањето треба да биде дел од работата. Кога станува збор за предизвиците на невладиниот сектор мислам дека некогаш и ние имаме проблем да се најдеме себе си. Се поставуваме во позиција на претставници на граѓаните, а не на заштитници на интересите на граѓаните. Ние не сме претставници. Ние ако сакаме да бидеме претставници на граѓаните на 12 април ќе си предложиме листа, ќе бараме гласови и така натаму... Ние сме тој дел на свеста на граѓаните кои без интерес мисли на доброто на ова општество и мислам дека сме се докажале во тоа, иако не секогаш била лесна борбата.

Се уште паметам еден состанок каде претставници на граѓанскиот сектор, коишто беа помлади, во целиот процес ги фати и паника. Се соочуваш со државата. Тој процес е поминат од раните 90ти години кога политичките партии се ставаа себе си во позиција да пробаат да ги земаат невладините организации да бидат нивни диригирани институции. Тоа не им успеа. Мислам дека главниот испит се положи во 2015 и 2016 година кога невладините покажаа дека се доволно бунтовни и имаат интегритет да можат да одбијат било кого. Па дури и под пресија на будење наутро во влажна просторија во една соседна населба на Скопје.

Мислам дека иднината треба да ја гледаме во тоа. Само поставување себе си и на нашата улога во општеството. Ние треба да бидеме коректив, ние треба да бидеме оние кои имаат авангардни идеи, да ги штитиме своите идеи. Ние можеме со својата поставеност во општеството и со поддршка на граѓаните да им извршиме доволен притисок на политичарите да се прилагодат на потребите на граѓаните и да одговорат на истите. Мислам дека тоа е главната улога.

Како го замислувам ЦИВИЛ? Прво соработката секогаш ни била перфектна. Не сме имале недоразбирања затоа што во принцип сме се движеле во ист правец. Ги замислувам како модерна, европска, револуционерна, бунтовна, идеалистичка организација која почна со „граѓанки и граѓани“ и тоа мислам дека остави впечаток кај сите“.

обработка на текст: М. Ивановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Кирил Михаилов

 

This post is also available in: English