Стеменкова: Преку моето транспарентно работење се борам против лажните вести и дезинформации

Ова година, градоначалниците имаа прилика за отчет на сработеното во нивниот двегодишен мандат по локалните избори од 2017 година.

Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стеменкова, во разговор за ЦИВИЛ Медиа, зборуваше за начинот на спроведување на транспарентни и одговорни политики во општината, како граѓаните се информираат за активностите на Општината, односот меѓу локалната и централната власт.

„Она што најмногу го забавува развојот на Општината е недостатокот на стратешки документи. Како прва и основна задача си дадовме за цел да ги изготвиме стратешките документи. Во тек е подготовка на два стратешки документи, а продолжуваме со стратегијата за млади, за туризам… Секогаш се може повеќе. Колку и да сметаме дека сме направиле максимум што сме можеле секогаш останува простор дека сме можеле многу повеќе. Но, најважно е да се задоволат потребите на граѓаните, но и да се постави точна дијагноза на проблемот, за да полесно се дојде до решението“, изјави Стеменкова, задоволна од сработеното во две години градоначалнички мандат.

Стемекова се пофали дека во однос на транспарентноста и одговорноста на политиките што ги спроведува како градоначалничка.

„Со почетокот на мојот мандат затекнавме една општина која од над 80 со години беше на 50 место по транспарентност и претпоследна во Источниот плански регион. Оваа година резултатите покажуваат сосема поинаква слика. Бевме на второ место, сега сме на прво место во регионот по транспарентност, додека на ниво на државата сме на 13 место. Ќе се залагаме да се качиме на уште повисоко на државно ниво, затоа што ветивме транспарентна општина, транспарентно работење и граѓаните заслужуваат да знаат каде се трошат нивните средства. Она што ми е чини особено задоволство е што го видовме недостатокот, ангажиравме лице што е задолжено за објавување на годишните планови, постапките, јавните набавки, на сето она што ја чини Општината транспарентна. Она што ни недостига освен стратешките документи се и ISO стандардите. Станавме членка на Институтот за стандардизација. Во план сме да ги искористиме целосно капацитетите на Институцијата за да ги донесеме и овие сертификати во општината“, изјави Стеменкова.

Ниту Општина Македонска Каменица, не е имуна на лажни вести и дезинформации. Стеменкова посочи дека се специфични кампањите на жените кандидати за градоначалник што довело со соочување со негативна кампања против неа исполнета со говор на омраза и омаловажување на жената како личност.

„Секогаш ја наоѓам позитивната страна на она што се пишува, ја извлекувам поентата и ја пласирам во јавноста. Да, се соочувам со лажни вести и критики, но како градоначалник и со моето работење преку транспарентноста давам можност секој да процени дали тие вести се вистините или не. Избегнувам да се конфронтирам, затоа што тоа на луѓето што ги пласираат тие лажни вести им се дава материјал да продолжат и понатаму“, дополнува Стеменкова, која инаку по вокација е и психолог.

Стеменкова секогаш е отворена за граѓаните, сметајќи дека доколку луѓето одвоиле од своето време 5 до 10 минути, тогаш тоа е најмалку што од неа се очекува. Таа е задоволна од релацијата локална – централна власт.

„Со самото стапување на оваа функција, подготвена да се соочувам со критики, отколку со пофалби… Мојата филозофија е отворен пристап кон луѓето, разговарање и кажување на вистината“, истакна Стеменкова.

Симона М. Живкова
обработка на текст: Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Фотографија: Дехран Муратов

This post is also available in: English