Махмут: Народниот правобранител утврди дискриминација и бара од МОН да воведе ромски и влашки јазик во „Националната платформа за далечинско учење“

Народниот правобранител ја прифати претставката поднесена од активистот за човекови права, Тефик Махмут, против Министерството за образование и наука поради тоа што не обезбеди еднаков пристап до наставна содржина преку „Националната платформа за учење на далечина“, односно која е достапна за сите корисници на македонски, српски, албански, турски, босански и англиски јазик, но истата не e достапна на ромски јазик.

„Со цел одбележување на денот на ромскиот јазик, (на 05 ноември 2020), поднесов претставка до Народниот правобранител каде што меѓу другото барав да го утврди дискриминаторскиот третман на „националната платформа за учење на далечина“, која е достапна на сите јазици освен на ромски јазик. Имајки ја предвид дискриминаторската природа на истата платформа како и на Уставноста и незаконитоста на истата, поднесовме претставка до Народниот правобранител“, вели Махмут.

Тој додава дека Народниот правобранител констатира дека нема еднаков пристап за образование под еднакви услови за сите, односно дека нема еднакви услови туку има очигледна дискриминација.

Имено, на самата одлука НП бр.2131-20, меѓу другото стои дека -„Поради констатираните повреди за сторена дискриминација по основ на употреба на јазик и етничка припадност во областа на образовниот процес, согласно членот 32 од Законот на народниот правобранител, Народниот правобранител укажа и препорача да се преземат сите потребни мерки за да се обезбеди заштита на детето од сите облици на дискриминација, односно да се елиминираат сите дискриминаторски практики кои се поврзани со етничката припадност или употребата на јазик при пристап кон основно или средно образование, со обезбедување еднакви услови за сите ученици, со тоа што ќе се создадат услови за воведување на ромскиот и влашкиот јазик при користење на „платформата за далечинско учење“, со што ќе бидат изедначени со јазиците на другите заедници кои ја имаа можноста за отворање и следење на оваа страна на својот мајчин јазик“ стои во одговорот на Омбудсманот.

Исто така, во рамки на самиот одговор наведено е дека МОН „покажа несериозност и непочитување на јасниот став на Народниот правобранител, дека во ниеден случај не смее да се дозволи нееднаков третман и дискриминација врз децата во образовниот систем”, вели Махмут.

Махмут нагласи дека се води според „сендвич стратегија“, односно да се врши притисокот од национално ниво и притисокот од меѓународно ниво.

„Бараме од институциите, не ги молиме, туку бараме да ги имплементираат законските регулативи во однос на повреди на одредени човекови права, во случајов во образованието. За ова ги информиравме ОДИХР/ОБСЕ, некои меѓународни организации кои работат во полето на човекови права. Во иднина планираме да ги информираме Европската Комисијата за да може овој проблем да биде инкорпориран во Извештајот за напредокот на нашата држава. Ние како држава не смееме да имаме такви испади, бидејќи сме држава која сака и претендира да биде дел од Европската унија. Убаво е што сакаме да имаме стандарди кои ќе бидат компатибилни со ЕУ и светските стандарди, но не е убаво кога имаме нешто што меѓународната заедница го нарекува „апла дискриминација“ која ја гледаме, особено не смее да има дискриминација во областа на образованието“, вели тој.

Тефик Махмут / фото: А.М.

Тој ги повика и ромските претставници кои се дел од националните и локалните институции да се залагаат овој проблем што побрзо да се реши.

„Убаво е што се организираат хуманитарни акции, меѓутоа тие се краткорочни. Правото е долгорочно, каде што не треба да ги молиме институциите, туку да бараме од институциите да ги извршуваат нивните обврски и ингеренции кои ги имаат. Не бараме нешто што е невозможно, туку бараме само да ги извршат ингеренциите кои се во рамки на националните и меѓународните регулативи кои ги регулираат правата на граѓаните на национално ниво“, истакна Махмут.

Тој ги поздрави најавените реформи во образованието и бара од МОН во наредниот период, сите деца, без разлика на нивната етничка или социо-економска состојба да имаат еднакви можности за образование, бидејќи правото на образование е загарантирано со закон.

Дехран Муратов
камера, фотографија и монтажа: Ариан Мехмети