Морачанин: Нашето дејствување како независни пратеници не е поврзано со стабилноста на парламентарното мнозинство

Во контекст на „осомостојувањето“ на помалите политички партии со свои независни пратеници во Собранието, ЦИВИЛ Медиа ја праша претседателката на ДОМ, воедно и пратеничка во Собранието, Маја Морачанин, што значи да се биде независен, а да се остане дел од Коалицијата „Можеме“, односно за што точно се работи.

„Како пратеници од зелената партија ДОМ во Собранието ќе дејствуваме како независни пратеници. Согласно деловничките одредби, таквиот статус дава поголеми можности за реплики, процедурални забелешки, односно подобра промоција и видливост на нашите зелени вредности и приоритети. Затоа и во минатиот мандат дејствувавме на тој начин. Нашето дејствување како независни пратеници воопшто не е поврзано со актуелните теми во јавноста, за стабилноста на мнозинството и Владата. Остануваме дел од коалицијата “Можеме”, парламентарното мнозинство и Владата“, одговори Морачанин.ж

Први кои ја започнаа процедурата за самостојно дејствување беше БЕСА, непосредно по конституирањето на Собранието и формирњето на Владата. БЕСА доби едно министерско место во Министерството за земјоделство, функција што му прирадна на Адријанит Хоџа. БЕСА својата одлука ја образложи дека не се работи за напуштање на Коалицијата и дека пратениците ќе бидат поефективни самостојно, односно е важно за тие да бидат поблиску до своето гласачко тело.

Пред ДОМ, со одлука за настапување во Собранието преку независни пратеници излезе ЛДП и Павле Трајанов од Демократски Сојуз.

ЛДП образложи дека самостојниот настап не значи излегување од владејачката коалиција, туку поголема видливост на нивните пратеници. ЛДП, исто како и ДОМ, најавија дека за локалните избори ќе настапуваат самостојно.  Одлуката на претседателот на ДС, Павле Трајанов, за независен пратеник остана без образложение, но дека ДС се спрема самостојно да настапи на локални избори покажува јавниот повик на пратијата од 31 јануари за кандидати за градоначалници и советници.

ДОМ одлуката ја носи на партиски конгрес и е дел од стратешкото планирање за самостоен настап на локалните избори.
Б. Јордановска