„Кратки нозе“: Мицкоски вели пратениците „абдицирале“, што значи тоа и дали е точно?

Во гостувањето на „ТОП Тема“ на 17 ноември,  Мицкоски изнесе и тврдење дека со недоаѓање на собраниската седница за гласање недоверба на владата, пратениците „абдицирале“.

 

„…Единствен пат во демократијата можеби во Европа, власта се бојкотираше себеси, а пратениците кои што ја поддржуваат власта абдицираа, не најдоа храброст да ги погледаат своите колеги, да ги погледаат граѓаните во очи и да застанат во одбрана на премиерот…“

Но, тврдењето на Мицкоски дека „пратениците кои што ја поддржуваат власта абдицираа“ не ја поминува проверката на факти.

Пратениците кои не дојдоа на седницата не се откажаа од функцијата пратеник, постапката за такво нешто е сосем поинаква, и затоа е не е никаков факт дека „абдицирале“. Истото важи и за оние пратеници кои дадоа 61 потпис за да се одржи седница за гласање недоверба на владата, а не дојдоа на нејзиното завршување. Следствено, нема никаква основа да се тврди дека некои пратеници абдицирале, а други не, кога ниту еден пратеник не дојде на крајот на седницата и ниту еден нема поднесено оставка.

Она што е факт е дека пратениците имаат законска обврска да присуствуваат на седници и може да бидат парично казнети ако отсуствуваат без оправдување. Но, исто така, факт е дека пратениците имаат уставно право да одлучуваат според свое уверување, што им дава право и да не присуствуваат на седници доколку сметаат дека така е исправно.

Со ова тврдење дека пратениците на власта „абдицираа“, Мицкоски остана со „кратки нозе“. Не само затоа што ги заборави пратениците од опозицијата, кои не дојдоа на завршувањето на седница. Поимот „абдикација“ се употребува вообичаено за монархии и монарси, а ние, сепак, живееме во демократска република. И се надеваме дека тоа така и ќе остане.

Автор и водител: Петрит Сарачини

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Ариан Мехмети

Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски

Соработка на содржините: Мониторинг тим на Цивил