Во период на референдумската кампања „за“ или „против“ за промена на името, кога се во тек процесите за влез во НАТО и ЕУ, кога низ државата сè почесто има протести, говор на омраза, маршови за поддршка или бојкот на договорот со Грција... граѓанските новинар(к)и се тие кои може да придонесат кон зачувување на мирот и зајакнување на демократските процеси. Како што знаат ЦИВИЛите да кажат: Граѓанските новинарки и новинари се носители на новинарството што известува без страв и без услуги.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани, како и своите досегашни учесници и соработници од семинарите за граѓанско новинарство, како и сите заинтересирани за мониторинг на референдумот да фотографираат, снимаат и забележуваат. Промената е во вашите раце!
Преку граѓанското новинарство граѓанките и граѓаните имаат можност да бидат контролори на работата на државните и локалните функционери и институции и да вршат притисок тие да работат според законите, транспарентно и одговорно. ЦИВИЛ гарантира целосна анонимност и сигурност на граѓан(к)ите кои од одредени причини сакаат да останат анонимни.
Пример за тоа е граѓански новинар кој сакаше да остане анонимен, ни испрати видео сведоштво од денот на предвремените парламентарни избори одржани на 11.12.2016 година. Во разговор со еден граѓанин кој бил сведок на вршењето поткуп на гласачи тој ги открива начините на кои на денот на предизборниот молк и на денот на изборите се вршел поткуп на гласачи во Куманово и околината.
Граѓански новинар во тек на изборната кампања во 2016 година испрати снимки и фотографија за злоупотреба на деца во изборна кампања. Исто така и санирање на улици... Кршење на изборниот молк.
Анонимен граѓански новинар испрати видео каде што има викање, говор на омраза и националистички закани, провокации... каде што симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, ја славеа победата на својата партија низ улиците на Ресен. Видеото е снимено пред штабот на СДСМ, кој, како што вели „славеникот„ во автомобилот, е „ликвидиран“!
Граѓански новинар во текот на изборна кампања на изминатите локални избори ни испрати фотографија и видео од малолетници кои наместо да се на училиште тие делат промотивен изборен материјал.
Анонимен граѓански новинар испрати видео каде што Македонскатa обединета реформска опција - Работничка партија во Велес, за потпис на граѓанките и граѓаните на Велес им нуди по 150 денари.
Пред извесен период граѓански новинар испрати фотографија од подземниот паркинг на ГТЦ каде што имаше рачно испишани пораки со зборовите „Не купувајте од Шиптаришта“ со потпис „Ќосето“, кои беа оставени на повеќе автомобили.
#ГраѓанскиОбјектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот. Овој проект веќе трета година придонесува кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Основна цел на проектот е да се придонесе кон транспарентни и одговорни политички процеси, да се зајакне јавната свест на политиките и практиките поврзани со човековите права и слободи. Проектот е поддржан од National Endowment for Democracy.