Панел дискусија на ЦИВИЛ: Како сè може да се (зло)употреби пописот?

ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“ во вторник 9 февруари, во хотел „Солун“, Скопје, со почеток во 13 часот. Учесници на панел дискусијата се Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, Љупчо Зиков, главен и одговорен уредник на „Капитал“ и Дехран Муратов, новинар и координатор во ЦИВИЛ. Панел дискусијата ќе ја води Зоран Иванов, новинар.

Во согласност со заштитните мерки COVID-19, панел дискусијата ќе биде без публика, а јавноста и медиумите ќе може да го проследат настанот во живо на Фејсбук страницата, како и на ЈуТуб каналот на ЦИВИЛ.

Панел дискусијата на ЦИВИЛ ќе се обиде да одговори на повеќе прашања и теми поврзани со пописот, соодветно на експертизата, односно искуството на учесниците на панел дискусијата. Прв говорник на настанот ќе биде Апостол Симовски, директор на Заводот за статистика која е најрелевантна институција за спроведување на пописот. Тој ќе одговори на прашањето како ќе се спроведува пописот и кое е значењето на оваа статистичка операција. Останатите прашања и теми се однесуваат на значењето на пописот за економијата, стопанството и бизнис заедницата, како и за помалите етнички заедници во земјата. За жал, неизбежно е прашањето за мотивите од кои се политизира пописот.

Панел дискусијата ќе трае околу еден час и половина. За време на дискусијата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи и дел од нив ќе ги пренесе до учесниците во дискусијата.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

This post is also available in: English