Профилот под името Арбен Есати се заканува со убиство на новинари

„Ќе ви ги сечам прстите“, „Јас работата ќе ја загубам, ама вам животот ќе ви го земам каде и да сте“, „Не полицијата, туку ни војската не може да ве спаси, жените, вас и сестрите ќе ви ги силувам“, „Децата ќе ви ги…“ Ова се само некои од многуте закани кои се наоѓаат на профилот на социјалните мрежи кој го носи името Арбен Есати, за кој се верува дека е синот на Абдулџелал Есати, пензионираниот анестезиолог кој пред неколку дена му напишал на српскиот претседател Александар Вучиќ дека сака да му помогне на српскиот народ во борбата против пандемијата.

Профилот под името Арбен Есати им се заканува на новинарите на Без цензура, ТВ 21, Газета Експрес, Тетова Сот, Коха ТВ, Коха Њуз, Куманова Сот, Шења ТВ, Лајмпрес и други.

Скриншотот е само последната од низата закани и е јавна, а до ЦИВИЛ стигнаа пријави дека тој пишувал и приватни закани и на неколку редакции и новинари.

Повод за ваквите закани се текстовите кои биле објавени во медиумите на албански јазик во кои е пренесен текстот во српските медиуми што го пренеле писмото упатено до Вучиќ.

Случајот е пријавен до ЦИВИЛ, како и до Министерството за внатрешни работи и ЗНМ.

ЦИВИЛ апелира до релевантните институции (МВР, ОЈО) да преземат мерки за превенција од насилството со кое се заканува ова лице и да спроведат соодветни законски санкции.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ

This post is also available in: Albanian