Преку лаги и дезинформации за ЦИВИЛ и Џабир Дерала, „бојкотирачите“ се обидуваат да му наштетат на пописот

Во недостакок од идеи на малите лажно-левичарски и ултрадесничарски партии кои на граѓаните немаат што да им понудат, освен омраза, поделби, лаги и дезинформации, продолжуваат со кампањата против ЦИВИЛ со ширење на лажни вести и омраза. Интернет портали, Фејсбук станици, лидери и членови на политички партии познати по ширењето дезинформации и говор на омразата, се впуштија во уште една дива мини-кампања во која лажат и поттикнуваат омраза против ЦИВИЛ и Џабир Дерала. Тие се обидуваат да ја излажат јавноста дека претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, е корона позитивен, а воедно излегува на терен, што е чиста измислица.

На фејсбук групата „Не отварам врата“, пишува: „Провладиниот невладин исп**** од Цивил Џабе Се Дерала скоро 2 месеци си прави карвани низ цела Македонија собира народ и шири Корона по луѓе за да ги убедува дека попис во сред трет бран пандемија е многу добра работа“.

Оваа објава, освен што е лажна вест, содржи навреди и говор на омраза. Меѓу ширачите на оваа лажна вест е и лидерот на „Трета политика“, Љупчо Палевски, движењето „Бојкотирам“, како и членови, симпатизери на Левица, меѓу кои и Јована Мојсоска, портпаролка на партијата.

Но, на лагите кратки им се нозете, Џабир Дерала на својот приватен ФБ профил вчера ги демантираше ваквите лаги и напиша:

Од почетокот на ковид кризата бев четири пати во изолација, а се тестирав точно пет пати. За голема жал на пропагандистите, можам да соопштам дека НА СИТЕ ТЕСТОВИ СУМ НЕГАТИВЕН.

Антитела: НУЛА, што значи дека не сум го ни прележал ковидот.

А вистина е дека се сретнав со повеќе од 2.000 луѓе за една година, посетив преку 40 населени места, учествував на огромен број настани. Цело време, здрав како дрен.

Како заклучија пропагандистите дека сум бил позитивен, навистина не знам. Мојот твит утринава се однесуваше на „брзината“ на поштата, а не на мојата здравствена состојба – фала на прашање, добар сум.

Неписмени се или само бескрајно злобни? Или и двете?

Повод за ширење на лажната вест е вчерашната објава на Џабир Дерала кој на својот твитер профил објави дека решението за ковид-изолација повеќе од еден месец, алудирајќи на бавната достава на Македонски пошти, но со ништо не навестува дека е Ковид-позитивен, ниту пак дека е во моментов болен. Како што потврди и самиот, на сите пет тестирања до сега бил негативен. Твитот се однесува на Македонски пошти и ништо повеќе:

„Македонски пошти… Решението од ДСЗИ за ковид-изолација испратено на 24 јануари, има штембил од поштата со датум од 28 јануари, поштарот го донесе утрово на врата. Се изнамачиле, кутрите, што побрзо да ја завршат работата за испраќачите и примателите на писмо“, напиша Дерала.

Порталот „антропол.мк“ кој е гласило на политичката партија Левица, пишува: „Цивил досега има организирано панел дискусии во Штип, Гевгелија и Гостивар, а од објавените видеа може да се заклучи дека и Дерала бил присутен“.

Нека ги погледнат „левичарите“ и „десничарите“ уште еднаш видеата од панел дискусиите и ќе видат дека и Дерала и панелистите се здрави и целосно подготвени да се спроведе пописот, почитувајќи ги сите здравствени протоколи за спречување на ширење на пандемијата.

Исто така, „загрижените за здравјето на граѓаните“ ќе видат од видеата и соопштенијата дека сите панел дискусии ЦИВИЛ ги организираше без присуство на публика, односно панелите беа пренесувани во живо на медиумската платформа на ЦИВИЛ, како и на Фејсбук и Јутуб каналот на организацијата.

Јавноста веќе лесно ги препознава и не им подлегнува на овие пропагандни трикови. Очигледно бојкотирачите на пописот немаат идеја и план како да ги уплашат граѓаните да не учествуваат на пописот, па поради тоа малите партии ширејќи лаги и дезинформации за ЦИВИЛ и Џабир Дерала, на некој начин се обидуваат да пораснат и да стигнат до што поголем број на публика. Но, нивните лаги брзо испаруваат.

Од досегашните панел дискусии, разговори, онлајн и теренски анкети може да се заклучи дека граѓан(к)ите со нетрпение очекуваат конечно да се одржи пописот. Ваквите пакосни сопки, спинови и лаги нема да ги проколебаат, напротив, уште повеќе ги охрабрува да бидат дел од статистичката операција, а не да бидат политички заморчиња искористени за политички цели.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ