Насилство во Струмица, говор на омраза и дезинформации, осуда од ЦИВИЛ

Струмичанецот Игор Рекорт Вцкоф вчера беше брутално претепан со палки и тупаници од десетина лица во центарот на Струмица. Во видеото објавено на Фејсбук страницата СтрумицаОнлине, се гледа како поголема група го тепаат Вцкоф, но исто така може да се забележи дека има уште едно лице (веројатно момче) кое е тепано.

Побаравме одговор од МВР, но од таму нè упатија одговори да бараме од Јавното обвинителство, бидејќи случајот прешол во рацете на ОЈО. Основното јавно обвинителство Струмица вчера, по допрен глас, оформи предмет за настанот во центарот на Струмица, кога повеќе лица беа учесници на тепачка

„Издадени се насоки и наредби до надлежните органи за доставување на податоци и утврдување на идентитетот на лицата кои беа учесници во настанот. Обвинителството продолжува во континуитет да презема дејствија во насока на расчистување на настанот“, велат од ОЈО.​

Она што можеше да се види на видеото, му претходела и друга пресметка која започнала уште во казиното, а која била иницирана поради тоа што според коментарите и сведештвата на социјалните мрежи е дека „Ѓ….ците од Баница“ ја вознемирувале вработената во казиното, па поради тоа беа претепани.

Тепаниот Вцков во разговор во живо на Фејсбук со Геге Демировски, претседател на Народна партија на Ромите, вели дека бил во казиното да игра, и пред да започне со играта побарал пиво од вработената. По извесно време побарал уште едно пиво пришто вработената одбила да му даде. Потоа, според неговото сведоштво, следуваше физичка пресметка со обезбедувањето на казиното. Тепачката од казиното се префрли во центарот на Струмица, каде беше брутално истепан. Тој исто така обвини дека тепачите беа дел од „обезбедување на Заев“ и го повика премиерот и институциите да го расчистат случајот.

И пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на Твитер објави дека еден од учесниците во тепачката беше и Aлександар Трајков, познат како Сашко Сали, кој е телохранител на претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев.

Меѓутоа, Трајков на својот Фејсбук профил ги демантираше пишувањата на некои медиуми дека тој бил вмешан во бруталната тепачка што се случи вчера во центарот на Струмица.

„Во врска со насловите и шпекулациите пласирани од некои портали, дека сум вмешан во тепање на лице, одговорно тврдам дека не сум бил дел од таквите случувања. Попатно, распрашувајќи се за настанот, добив информации дека ‘нападнатите лица‘ на видео снимката не биле само двајца туку биле дваесетина души од село Баница. Истите претходно извршиле напад на вработени во казино со дрвја, камења и со ладно оружје“, напиша тој на социјалната мрежа.

На Фејсбук се обрати и девојката, извесна Цаци Попова, која тврди дека била нападната.

„После сите реакции од медиумите сметам дека јавно треба да се обратам. Жители од Баница ме нападнаа физички и вербално, а со нив носеа секири и ножеви, зар тоа да дозволиме да се случува во центарот на градот од хулигани кои шетаат со ладно оружје? Ги повикувам надлежните институцции да застанат во одбрана на вистината. Зашто ако не се спречат навреме, следни жртви на насилство ќе бидат нивни ќерки и синови“, напиша девојката.

ЦИВИЛ го осудува насилството и бара од надлежните органи да го расчистат овој случај, бидејќи во едно демократско општество правдата не се дели со палки и тупаници, туку постојат институции кои треба да овозможат секој да се чувствува безбеден. ЦИВИЛ исто така апелира до политичките партии да не манипулираат и да не шират лаги и дезинформации со цел да добијат политички поени.