Попис, информации, политика, лажни вести и пораки

Од 1 до 19 март, преку онлајн апликацијата за самопопишување се самопопишале 82.106 лица. Процесот продолжува до 21 април.

Преку апликацијата се попишуваат македонските државјани кои престојуваат во странство, поради работа или други лични причини, до и подолго од 12 месеци. Процесот на самопопишување почна на 1 март, а ќе се одвива до 21 април 2021 година.

Од 1 март до 15 март се попишуваа и вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив во странство, македонските државјани на работа во Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на нивните семејства/ домаќинствата што престојуваат во странство со наведените лица како и сите лица – државјани на Република Северна Македонија кои по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој.

УСЛОВИ И БЕЗБЕДНОСТ ПРИ ПОПИШУВАЊЕ

Доколку постојат услови, треба да се користи секоја можност за попишување во двор, на тераса, веранда, со задолжително носење на заштитна маска (КН95) и растојание од најмалку 1,5-2 метри.

Ова го содржи Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година, кој беше усвоен од Владата на 2 март, на предлог на Комисијата за заразни болести. Протоколот е утврден, но зголемувањето на бројот на случаите на новозаболени од Ковид-19 изминатите денови го отвори и прашањето дали предвидените мерки во него се доволни за заштита на граѓаните.

Дел од граѓаните стравуваат да ги пуштат попишувачите дома поради зголемениот број на заразени, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одложување на пописот за септември.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски изјави дека попишувањето ќе се врши пред вратите или во дворовите на куќите и становите.

За теренското попишување, кое треба да стартува на 1 април, директорката на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, Милена Стевановиќ , изјави дека е донесен Протокол, во кој детално се обработени мерките и кој обезбедува апсолутно сигурни услови за спроведување на операцијата.

МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19 ЗА ВРЕМЕ НА ПОПИСОТ

Мерките за теренското попишување предвидуваат и задолжително носење заштитна маска (КН95) во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето, задолжително одржување на пропишаната дистанца од 1,5-2 метри, забрана за вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот.

Содржи и забрана за пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот, предвидено е користење на средства за дезинфекција на рацете пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, надворешна дезинфекција на лап-топот пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, пред влегување во домаќинството задолжително попишувачот да стави каљачи на обувките.

Голем број прашања се однесуваа и на безбедноста од Ковид-19 во текот на попишувањето, па со олеснување беше примена информацијата дека попишувањето може да се изврши и пред влезовите на становите и куќите. Доколку временските услови го дозволуваат тоа, и пред влезовите во станбените згради, како што изјавија и од Државниот завод за статистика за медиумската платформа на ЦИВИЛ деновиве.

НЕМА ОДЛОЖУВАЊЕ НА ПОПИСОТ

Одложување на пописот нема да има. ДЗС излезе со соопштение во кое ги отфрли пишувањата на некои медиуми дека бара одложување на пописот поради состојбата со корона вирусот.

ДО 600 ЕВРА ЗАРАБОТКА ЗА ПОПИШУВАЧИТЕ

Попишувачите кои ќе го спроведуваат пописот на населението ќе имаат можност да заработат и над 35.000 денари хонорар за ангажманот. Тие ќе бидат на терен од 1 до 21 април, период во кој е планирано да се спроведе целата операција со евидентирање на граѓаните кои живеат на територија на Северна Македонија, а една недела претходно ќе имаат тестирање и подготовки за непречено и професионално изведување на статистичката операција. Со еден збор, за една недела обука и за три недели теренски активности, попишувачите ќе имаат хонорар над 35.000 денари.

Според информации од терен, до сега има пријавено околу 4.500 попишувачи, кои од следниот понеделник ќе започнат со тестирањето и обуката, а повиците за пријавување на попишувачите се отворени до сабота, па се очекува овие три дена да се пријават кандидати кои ќе го дополнат бројот со неопходни попишувачи.

ПОРАКИ

Во текот на изминатите недели ЦИВИЛ е во директна комуникација со бројни граѓани, на кои им овозможува да се произнесат и да ги споделат своите пораки  за пописот до јавноста.

„Треба да се одржи пописот, да видиме кои сме и што сме“, „Нема да доаѓаат по 100 попишувачи, ќе дојде еден или двајца“, „Попишувачите се добредојдени, мора да се одржи пописот, да знаеме што имаме во државата“… – се дел од одговорите во анкетата на ЦИВИЛ во Гостивар.

 

Стотици пораки со најразлични прашања, но и поттик за тимот на ЦИВИЛ да продолжи со објавување на информации и пораки за потребата од пописот пристигнуваат на адреса на организацијата секој ден. Голем дел од пораките содржат и информации за пропагандата на одредени политички структури со која се повикува на бојкот.

БОГОЈЕСКИ: БОЈКОТ НА ПОПИСОТ Е НАЈАНТИМАКЕДОНСКИ ЧИН

И во текот на изминатата работна недела не изостанаа изјави од јавни личности од политичката сфера во однос на пописот.

Петар Богојевски од Македонски концепт, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека бојкот на пописот е најантимакедонски чин, поголем од бојкотот на референдумот.

„Попис треба да има, но во услови кога е тој возможен и секако само и само согласно европски стандарди! Бојкот на пописот е најантимакедонски чин, поголем од бојкотот на референдумот! Ако тогаш му завршија работа на Груевски, сега со овој бојкот на кого од мафијата треба да му се заврши работа!“, изјави Петар Богојески за ЦИВИЛ Медиа.

ДЕРАЛА: ОПОЗИЦИЈАТА ДА НЕ СЕ ДВОУМИ ДА РАЗГОВАРА ЗА ПОПИСОТ

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во гостување за Утрински брифинг ја повика опозицијата на локално ниво да не се двоуми да разговара за пописот.

На настаните што ги организираме за пописот ние се обидуваме да го прибереме мислењето на различни слоеви на локално ниво бидејќи пописот е исклучително важен за развојните стратегии на општините. Ги седнуваме на иста маса експертите, невладините организации, како и носителите на одлуки, градоначалниците, осветниците, различните партии, пред сè, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но и другите политички партии како што е Алијанса за Албанците“, изјави Дерала.

ПРАШАЊА И ДИЛЕМИ

По социјалните мрежи често кружат прашања од одредени високи функционери во врска со пописот, кои веројатно се должат на нивната неинформираност во врска со целиот процес.

Едно од тие прашања е како ќе се попишуваат хоспитализираните КОВИД пациенти. ЦИВИЛ Медиа се обрати до Државниот Завод за Статистика со истото прашање, на што веднаш го доби следниот одговор:

„По методологија на пописот, попишувачите не влегуваат во болници. Болницата се евидентира како зграда/објект, а сите пациенти што се внатре, ги попишуваат нивните семејства кога попишувачите ќе дојдат во нивните домаќинства.“

ЈАВНИТЕ НАСТАНИ НА ЦИВИЛ ЗА ПОПИСОТ

Во изминатите неколку месеци, ЦИВИЛ организираше поголем број јавни дебати во Скопје, како и по една во ШтипГостивар и Гевгелија. Градоначалници, членови на општинските совети, претставници на власта и на опозицијата, експерти, претставници на бизнисот, граѓанското општество и здравствените институции, како и директорот на ДЗС, Симовски, беа дел од дебатите на ЦИВИЛ во изминатите четири месеци.

На панелот „Попис: Статистика, не политика“ што го одржа ЦИВИЛ во Гостивар на 11 март, модераторот на панелот, Џабир Дерала, инсистираше на едно прашање и им го постави на сите учесници поединечно, во врска со пропагандата од одредени политички кругови, дека постои договор помеѓу СДСМ и Албанците, во пописот „да се прикаже поголем број на Албанците“.

На  17 март ЦИВИЛ одржа уште една од низата панел дискусии на тема „Попис: Статистика, не политика“, во Гевгелија.

На панелот учествуваа градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, Претседателката на пописната комисија за општините Гевгелија и Дојран, Ката Ристова и советникот на општина Гевгелија од СПМ, Ристо Камов. Панелот го модерираше Џабир Дерала, ЦИВИЛ.

Учесниците на панелот ги изнесоа своите ставови во однос на пописот, кои беа во дефинитивна насока на спроведување успешна статистичка операција, ги појаснија потребите за попис на локално ниво, и дадоа одлични пораки до сите политички и општествени чинители  во земјата во однос на пописот.

-Пописот е статистичка операција. Прашањето е како треба да функционира едно општество. Една држава за да може да креира политики ако нема попис. Мора да има попис, бидејќи и во едно семејство сè што се прави се прави врз база на некој план, краткорочен или долгорочен. Ние не знаеме колку сме, а треба да креираме социјални, образовни политики, политики на комунално и зонско паркирање… Сè се сведува на бројки, на факти кои треба да ја дадат сегашната слика и врз база на тоа да се изготват краткорочни и долгорочни планови“, изјави градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков,

Да ви дојде попишувач дома ви е исто како да ви дошол комшија на кафе, животот мора да продолжи. Со тоа ќе ги покажеме европските вредности, ќе покажеме дека можеме и нешто сами да направиме, дека нема за сè да ни треба европската заедница и да правиме сè под притисок. Сега е време како што велеше Кенеди – Што можеме ние да направиме за државата? Сега е време да покажеме свест. Сите да се вклучиме заедно, подајте рака како опозиција. Имаме простор и место каде треба да се однесуваме државнички“, порача Поцков.

Претседателката на пописната комисија за општина Гевгелија, Ката Ристова, на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“ се осврна на техничкиот дел од пописната операција во овие општини.

-Пописот е од исклучително значење за државата и особено откако во нашата држава дваесет години не е спроведен попис, и некако му доаѓа како да боде во фокусот на вниманието. Затоа сметам дека е одлично што ЦИВИЛ ги организира овие панел дискусии.

Од позиција на претседател на пописната  комисија за реонот 11, можам да споделам неколку информации од технички карактер. Пописниот реон 11 ги сочинува подрачјата на две општини, општината Гевгелија, и општината Дојран. Ако за ориентација ги земеме податоците од пописот од 2002 година, станува збор за пописен реон со околу 25.000 жители, 8.240 домаќинства, и 11.408 станови. Дали и колку овие бројки се релевантни и денес, ќе покаже новиот попис.

На крајот од панелот, Ристова повика на човечност, до сите чинители во државата.

-Се надевам дека со пописот ќе го положиме тестот на човечност, а знаејќи го менталитетот на граѓаните на општина Гевгелија, сигурна сум дека ќе успееме, порача Ристова.

„После 20 години искуство во приватниот сектор, последните 5 години работам во Јавното комуналното  претпријатие во Гевгелија. Значењето на пописот е огромно, едноставно од основните потреби како што е формирање на цената на комуналните услуги зависи од бројката на еквивалент жители на една општина“, изјави советникот на општина Гевгелија од СПМ, Ристо Камов.

На прашање како тој гледа на повиците за бојкот на пописот, Камов  истакна дека со ковид кризата мора да се научиме да живееме и не можеме да се споредуваме со соседните земји во начинот на справување со кризата, но дека се си има и добри и лоши моменти во целата таа ситуација.

ПОПИС, ПРОПАГАНДА И ДЕЗИНФОРМАЦИИ

Во недостакок од идеи на малите леви и десни партии кои на граѓаните немаат што да им понудат, освен лаги и дезинформации, продолжуваат со кампањата против ЦИВИЛ со ширење на лажни вести и омраза. Интернет портали, Фејсбук станици, лидери и членови на политички партии познати по ширењето дезинформации и говор на омразата, се впуштија во уште една дива мини-кампања во која лажат и поттикнуваат омраза против ЦИВИЛ и Џабир Дерала. Тие се обидуваат да ја излажат јавноста дека претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, е корона позитивен, што е чиста измислица.

На фејсбук групата „Не отворам врата“, пишува: „Провладиниот невладин исп**** од Цивил Џабе Се Дерала скоро 2 месеци си прави карвани низ цела Македонија собира народ и шири Корона по луѓе за да ги убедува дека попис во сред трет бран пандемија е многу добра работа“.

Оваа објава освен што е лажна вест, содржи навреди и говор на омраза. Помеѓу ширачите на оваа лажна вест е и лидерот на „Трета политика“, Љупчо Палевски, движењето „Бојкотирам“, како и членови, симпатизери на Левица, меѓу кои и Јована Мојсоска.

Џабир Дерала на својот приватен ФБ профил вчера ги демантираше ваквите лаги и напиша: Од почетокот на ковид кризата бев четири пати во изолација, а се тестирав точно пет пати. За голема жал на пропагандистите, можам да соопштам дека НА СИТЕ ТЕСТОВИ СУМ НЕГАТИВЕН.

Антитела: НУЛА, што значи дека не сум го ни прележал ковидот.

А вистина е дека се сретнав со повеќе од 2.000 луѓе за една година, посетив преку 40 населени места, учествував на огромен број настани. Цело време, здрав како дрен, напиша меѓу другото Дерала во својот демант.

Екипата на ЦИВИЛ подготви уште еден политички видео магазин СКЕН на тема попис.

Сите информации поврзани со пописот, како и со активностите на ЦИВИЛ во мониторингот на спроведувањето на оваа статистичка операција, се објавуваат во посебна рубрика Попис на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

Д. Тахири