ДУИ ќе тропа од врата на врата за Пендаровски

По спроведената целосна анализа, оценката на партијата на Али Ахмети е дека се целосно задоволни од нивниот придонес за консензуалниот кандидат Стево Пендаровски во првиот изборен круг од претседателските избори. ДУИ во вториот дел од кампањата максимално ќе се растрча на терен, односно од врата на врата ќе ги мотивира партиската структура и граѓаните да го поддржат Пендаровски за претседател на државата.

– По направената целосна анализа апсолутно сме задоволни од нашиот придонес кој беше пресуден за победата на консензуалниот кандидат за претседател Стево Пендаровски. Вториот елемент е Дебар, каде уште во првиот изборен круг извојувавме победа. И третиот елемент е целосното фијаско и потфрлување на турбо-фолклорната опозиција со историски најслаб резултат на еден албански кандидат на претседателски избори и тоа без противкандидат Албанец, изјави за Плусинфо, Артан Груби, организациски секретар на ДУИ.

Интегративците втората половина од кампањата ќе ја поминат на терен, меѓу структурата, за како што велат, да му обезбедат на Пендаровски сигурна победа на 5 мај.

Во недела ќе одржат Изборно собрание на младите на ДУИ, а вечерта во Тетово е закажан и централниот митинг на вториот дел од изборната кампања. Интегративците ќе одржат и собири со граѓаните.

ДУИ останува на ставот дека не потфрлиле во првиот изборен круг и дека максимумот допрва ќе следи на финалното гласање на 5 мај.