Дневен скен: Кога Америка ќе кивне...

Жестоко изборно финале во САД. Ситуацијата се менува од минута во минута, па затоа е важно да се каже и датумот и времето на овој обид да се скенира овој светски настан, американските избори, кој има силно влијание на животот на секој жив човек на планетата: 5 ноември 2020, 15 часот по средноевропско време.

И по завршувањето на изборната трка, пред да се прогласи победникот во оваа американска борба на титаните, целиот свет ја следи состојбата со силно стиснати палци и со „гризење на ноктите“, како што напиша Њујорк Тајмс. Дел од светските и домашните аналитичари веќе навестија неизвесност и политички тензии по изборите во најмоќната држава на планетата, особено затоа што, сега веќе очигледниот губитник, Доналд Трамп, нема намера лесно да го прифати поразот.

Политичката и општествената сцена во Америка, но и во целиот свет, никогаш не била толку поделена како во ерата на Трамп. Паралелно со владеењето на Трамп, светот сведочи и на политичките, но и воените тензии и конфликти меѓу најмоќните држави во светот.

И хибридната војна што ја води Путиновата Русија, го менуваат лицето на светот во кој живееме. Тоа е свет во кој човековите права и слободи сè повеќе се доведуваат во прашање, а на прво место доаѓа сè поизразената потреба од безбедност на повеќе нивоа, од физичката, па сè до здравствената и сајбер безбедноста.

Состојбите, настаните и процесите во светот во кој САД имаат силно, а често и пресудно влијание, говорат за нови стандарди на водење политика и ја наметнаа потребата од мобилизирање на прогресивниот дел од светот кој, се чини, во овој период е во дефанзива, ако не и во повлекување и губење на главните упоришта на демократијата – јавност, медиуми и граѓанско општество.

Американските избори оваа година, како ретко кога во децениите по падот на Железната завеса, се совпаѓаат со потребата од сериозно и длабоко преиспитување на политиките и практиките на светско ниво. Во САД не се бира само нов претседател, туку и нов начин на водење на политиките.

Таквиот пресврт ќе има влијание, не само во САД, туку и на секоја педа од светот.

САД се светски политички и економски трендсетери. Има многу вистина во изреката дека, ако Америка кивне, цел свет паѓа болен. Иако светот веќе одамна е мултиполарен, сепак, општествено-политичките и економските текови во многу нешта зависат од тоа кој е на власт во САД и како таа власт ја практикува.

Светот е длабоко погоден од пандемијата, тероризмот, климатските промени, економските, воените и социјалните кризи, како и од силните предизвици кои ги носи технолошкиот напредок. Прогресивниот дел од светот очекува дека демократот Џо Бајден, по изборната победа во својата земја, ќе биде дел од позитивните промени во водењето политики и на светско ниво.

Сепак, наспроти оптимизмот, останува реалната можност светот и понатаму да се поларизира, а кризите, здравствени, воени, идеолошки, политички, економски и еколошки, ќе се продлабочуваат и понатаму, особено затоа што центрите на моќта што ги диктираат илибералните тенденции, не е дека не знаат, туку не сакаат да ги надминат предизвиците.

Напротив, тие центри на моќта и ги предизвикуваат кризните состојби во светот, почнувајќи од сопствените држави и регионите во кои постојат. Дестабилизација на било кое ниво, за центрите на моќта кои генерираат илиберални тенденции е можност за нивно јакнење и профитирање на повеќе нивоа, не само финансиско.

Во денешен контекст, броењето на гласовите во САД не се завршна фаза од изборниот процес, туку се и почеток на нови предизвици и тектонски поместувања во светската политика, на која никој не имун во овој извонредно поврзан, но и ранлив свет.

текст: Џабир Дерала
камера: Дехран Муратов
видео обработка: ЦИВИЛ МЕДИА


Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.