Наjчевска: Вината често и најлесно се префрла врз жртвата на дискриминација

„Многу е тешко кога се зборува за дискриминација, во контекст на социјална правда во држава во која стана многу лесно да се употребува дискриминација. Секој кој ќе дојде на власт или се бори за истата, па и цивилното општество мисли дека знае што е дискриминација и со леснотија го употребува тој збор, треба да почнеме од таму зошто мислам дека е тешко да се перцепира дисркиминација“, истакна унивезитетската професорка Мирјана Најчевска на панел дискусијата „Социјална правда и дискриминација: Премногу луѓе на маргините на општеството и политиката… До кога?“ во организација на ЦИВИЛ, која се одржа на 11 декември.

„Суштината на дискриминацијата не е во нееднавкото однесување, туку во нееднаква можност да се употребуваат правата и можностите. Прашање е, не колку некого дискриминираме, туку колку е некој слободен, колку има права, колку може да ги заштити своите права или практикува, дали е слободен да гласа за тој кој сака или не, дали навистина ужива еднакви права како другите или не, не е работата во неедкаво постапување, покомплексна е работата“, истакна Најчевска.

Според професорката Најчевска онлајн наставата која сега се одржува поради пандемијата со КОВИД-19 навидум е недискриминирачка за сите деца во цела држава, но резултатот е дефинитивно дискриминирачки.

„Онлајн настаната навидум е недискриминирачка, за сите деца, во цела држава, резултатот е дефинитивно дискриминирачки и има многу различен ефект, децата имаат различни услови, има деца кои немаат можност да ја следат, живеат во една соба со цело семејство, има деца кои немаат пристап до интернет, до струја, простор и има ситуации каде едно семејство има повеќе деца и треба во исто време да ја следат наставата онлајн“, истакна Најчевска.

Професорката Најчевска додаде дека училиштата се создадени за децата да бидат релативно ставени во еднакви услови за пренесување на знање.

„Во моментот кога правам нешто како сите, јас не сум виновен доколку резултатот на моето дејствување е дискрминирачки. Најстрашно е кога жртвата на дискриминација не сфаќа дека е дискриминирана, влегуваме во затворен круг на дискриминација многу често. Сакам да ги спомнам училиштата за деца со посебни потреби, јас се спротиставував за постоњето на тоа, а луѓето се обидуваат да го оправдаат, на тој начин се затвора кругот на дискриминацијата.

Една директорка на едно специјално училиште кога се расправавме за тоа дека не треба да постојат такви училишта, таа ме убедуваше дека тие деца таму учат како сами да одат да купат леб. Тоа е врвот на успехот, сами да може да купат леб! Тие деца имаат еднакво право како сите други и државата треба да им обезбеди еднакви шанси и можности на сите индивидуи да ги истакнат своите вештини и способности“, истакна Најчевска.

Професорката додаде дека државата не смее да реагира само кога има дискриминација, туку да создаде услови за еднаквост, да даде се од себе, во улога на проактивно делување и да обезбеди еднакви шанси.

„Можност за искористување на потенцијалите на индивидуата, секоја индивидуа да може да има таков оптимален социјален статус кој ќе обезбеди не само недискриминација, туку еднаквост“, додава Најчевска.

Најлесно е вината да се префрли врз жртвата на дискриминација – „таква им е културата, таков им е изборот, Ромите сакаат така да живеат општеството им дава можности“.

Најчевска вели дека во однос на родовата дискриминација, ниту тие што дискриминираат ниту дискриминираните не успеваат да ја перцепираат дискриминацијата дури кога е таа директна, а да не зборуваме за индиректната дискриминација.

„Претставниците на одредени етнички заедници во парламентот се претежно мажи. Тие се борат да има етничка застапеност, а родовата застапеност ја запоставуваат“, додаде таа.

Најчевска потенцира дека државата не треба да создава посебни критериуми за вработување на лица со посебни потреби, туку треба да создаде посебни услови и да им дава поддршка на тие луѓе кои ги исполнуваат критериумите да може да бидат на соодветните места и во власта, и во управувањето и во работните структури.

„Пречките не се наоѓаат во лицата со посебни потреби туку во заедницата. Ние треба да ги тргнеме пречките од околината за да може тие луѓе на еднаков начин да ги остваруваат своите права и слободи.

Кумулативната нееднаквост е најстрашната дискриминација, едно е да си Ром и тогаш постои една дискриминација, но друго е да си Ромка, тогаш имаш двојна дискриминација и трето ниво на дискриминација е да си Ромка со попреченост“, нагласи Најчевака.

Д.М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети