ДУИ, ДПА и Алтернатива водат партиска, а не претседателска изборна кампања

Изборниот мониторинг на ЦИВИЛ бележи дека ДУИ води политичка кампања без да го спомене името, ниту обезбедува присуството на кандидатот за претседател, Стево Пендаровски. Наекаде, на нивните пропагандни материјали стои изразот „Консензуален претседател“. Но, ако на ДУИ му фали само името на кандидатот, другите албански партии немаат воопшто ниту еден елемент од претседателската кампања или кандидатот што го поддржуваат.

ДПА и Алтернатива на Африм Гаши, која произлезе од поделбата на партијата Беса, си водат кампања исклучиво со партиски симболи и реквизити што наликува на партиска кампања и оддава впечаток како да се на парламентарни избори. И на последните митинзи на партијата на Мендух Тачи и на оние на партијата на Африм Гаши, во позадина стојат само партиското име, партискиот симбол и партиските слогани. Во нивните средби со граѓаните, иако се зборува за претседателските избори и се правда поддршката на Стево Пендаровски, од него нема ни име, ни збор, а го нема ниту редниот број кој треба да се заокружи во гласачкото ливче.

На последните митинзи, ДУИ, ДПА и Алтернатива, почнаа да ја пренасочуваат дури и предизборната реторика. Сè повеќе, партиските челници овие митинзи почнаа да ги користат за размена на обвинувања и сè повеќе се зборува за тоа кој и што направил за Албанците.

Ова уште еднаш ја потврдува предизборната анализата на ЦИВИЛ што беше претставена на неодамнешната конференција „Какви избори – таква иднина“. По сѐ изгледа, предизборната претседателска кампања на албанските партии уште поилустративно го прикажува карактерот на овој изборен процес, како и тоа што може да нѐ очекува на политички план во најблиска иднина.

Арбен Заќири