Отворени за клевети, затворени за пописот

Како дел од кампањата „Не отворам врата“ отворена е и Фејсбук страница со истото име, наменета за повик на бојкотот на пописот. Тоа е место и за споделување на вулгарни и клеветнички коментари и пораки, место за ширење лажни вести, дезинформации, теории на заговорот и експлицитен говор на омразата.

Таков пример е и манипулативната објава за граѓанското здружение НВО Инфоцентар, но се поврзува и со медиумската платформа на ЦИВИЛ. Објавата на „Не отворам врата“ гласи:

„CIVIL media, USAID и други NGO организации започнаа кампања за учество во “пописот” кампањата има два центри со две мотивациони крилатици #ПописКонечно и #ТиОдлучуваш, а всушност калето одлучува!

Погледнете само како префриганите од калето елегантно си се оградуваат од одговорност за заболените и умрените кои ќе ги предизвикаат ненормалниве кои насила туркаат попис во сред пик на пандемија.“

Овој пост го споделува партиската функционерка и портпаролка Јована Мојсовска од Левица, со коментарот:

„Штом Цивил се умешал – веднаш знаеш дека е на штета на државата“.

Каде Мојсовска од Левица го виде линкот меѓу проектот на НВО Инфоцентар и ЦИВИЛ, тоа веројатно го знае само таа самата, но сè друго е повеќе од очигледно. Целта е да се дискредитира ЦИВИЛ по секоја цена, во секоја прилика, па макар и со лажно и манипулативно клеветење и извртување на очигледни факти. Но, ЦИВИЛ не е единствената мета на овие напади. Со ваквото однесување во јавната комуникација, луѓето на оваа партија грубо ги омаловажуваат граѓанките и граѓаните, како и целата држава.

Инаку, злоупотребена е информацијата за активност на НВО Инфоцентар под мотото #ПописКонечно со поддршка на Проектот на УСАИД за граѓанско учество (Civic Engagement Project – North Macedonia). Се чини дека самата објава на Фејсбук страницата и коментарот на партиската портпаролка ги искривуваат фактите за активноста на НВО Инфоцентар само колку да имаат повод да напишат нешто на сметка на ЦИВИЛ, па не им е важно ниту дали ќе испадне дека не знаат дури ни да читаат. Најважно им е лажно ја информираат јавноста и да спроведуваат црна кампања во која, според правните експерти, има и елементи на кривично дело.

Лидерот и функционерите на партијата на која и Мојсовска ѝ припаѓа, не пропушта ниту еден ден да се занимава со ЦИВИЛ и со претставниците на оваа македонска организација за човекови права која постои речиси 22 години и која во своето портфолио има повеќе од 100 успешни проекти за јакнење на демократијата и почитувањето на човековите права и слободи во земјата и надвор од неа. Необјасниво е зошто партијата на Мојсовска е практично опседната со ЦИВИЛ, бидејќи се работи за граѓанска организација, а тие, како политичка партија, имаат логичен „мегдан“ во парламентот.

Пописот е сечија придобивка и интерес за понатамошниот развој на државата и подобра иднина на сите граѓанки и граѓани во земјата.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ